Вечерва, во 20 часот, во МКЦ се доделува првата награда за стрип, „лифт“. На изложбата и во публикацијата, испечатена по тој повод, ќе бидат претставени деветте најдобро оценети стрипа во 2018 година, од вкупно пристигнатите триесетина.
Иницијатори на наградата се книгоиздателството „Темплум“ и ОХО. Целта на наградата е да ги промовира и афирмира овдешните стрип-автори, но и да го унапредува стрипот како запоставен медиум кај нас. Друга важна цел е да се даде придонес за развојот на македонската културна сцена и во поширока смисла, со промовирање нови креативни актери, нови културни настани, поинакви пристапи и стилови на полето на културата – со што иницијаторите на наградата сакаат да придонесат за плурализацијата и шаренилото на овдешниот недоволно развиен културен простор.