„Вино преточено во чаша љубов“ е насловот на музичкиот перформанс што вечерва се одржа во ресенскиот Сарај, во организација на Домот на културата „Драги Тозија“.
Присутните ги забавуваа пијанистот Гоце Милошевски, Панде Сековски на гитара и солистите Ташко Каранфиловски и Елена Сековска. Локални поети читаа поезија, а инспирирани од виното и љубовта уметниците на здружението „Преспа арт“ насликаа неколку слики.
Целта на настанот, што требаше да се одржи на 14-ти февруари, но беше одложен поради дводневната жалост во државата, според директорот на Домот на културата Васко Василевски, е да се прослават виното и љубовта.
– Сакавме да направиме спој меѓу љубовта и виното. Концертот беше инспириран од денот на вљубените свети Валентајн и денот на лозарите Свети Трифун, 14 февруари. Публиката уживаше во музичкиот перформанс, а својата креативност ја изразија и Преспанките уметници – изјави Василевски.
Концертот „Вино преточено во чаша љубов“, како што посочи, е почеток на културните настани за оваа година во Преспа.