Посети го музејот
Музејот „Д-р Никола Незлобински“, лоциран во Струга, е еден од најстарите во Југоисточна Европа. Препознатлив е по својата природонаучна поставка, која е единствена по својата содржина. Музејот е создаден пред речиси еден век и е уникатен презентер на природното и културното наследство за регионот на Охридско Езеро – светско наследство од листата на УНЕСКО.
Основач на музејот е Никола Незлобински, Русин, кој во Струга доаѓа во 1924 година како лекар што помага во борбата против маларијата. Тој бил наедно и вљубеник во природата, па кога дошол во Струга, почнал да лови, но и да собира и препарира инсекти, птици и разни други животни. Уште во 1926 година, во една од бараките во која живеел, д-р Никола Незлобински приредил изложба, каде што ги презентирал препарираните експонати, а потоа неговата збирка многу брзо се збогатувала со нови примероци. Оттука, во 1928 година, д-р Никола Незлобински во една од бараките на болницата поставил постојана музејска поставка и со тоа ги втемелил природонаучниот музеј „Д-р Никола Незлобински“ и музејската дејност во Македонија. Во 1938 година, Незлобински повел иницијатива за изградба на нова, посебна музејска зграда, за која самиот ги подготвил плановите, а тој го подготвил и ентериерното решение за експозицијата на музејската поставка. Така, во 1938 година, музејот бил отворен за прием на посетителите. Во знак на благодарност кон човекот што го создал, организирал и промовирал, музејот во Струга го добива неговото име и се нарекува Народен музеј „Д-р Никола Незлобински“.
Музејот претставува комплексна институција од национален карактер, во која дејствуваат: биолошко, археолошко, етнолошко, историско, одделение за историја на уметност и одделение за едукација и маркетинг.