Музеите и културните институции како носители на должности во граѓанското општество треба да го олеснат пристапот за лицата со попречености и да се приспособат, вели Ирена Ружин, македонска претставничка на регионалниот проект за подобрување на пристапноста до музејските програми и активности за лицата со попреченост
Националниот музеј во Кикинда и роднокрајниот музеј „Књажевац“ од Србија, Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и роднокрајниот музеј „Високо“ од Босна и Херцеговина годинава и следната година ќе работат на регионален проект дизајниран да ја подобри пристапноста до музејските програми и активности за лицата со попреченост.
Проектот ќе се реализира преку низа активности, а првиот чекор е идентификација на постојните бариери што стојат на патот за вклучување на лицата со попреченост во музејските програми и активности.
Оваа регионална иницијатива беше иницирана од Милена Милошевиќ Мициќ, музејска советничка и историчарка на уметност од роднокрајниот музеј „Књажевац“, во соработка со колеги од Битола и од Сараево. Ирена Ружин е раководителка на проектот од Македонија.
– Проектот ќе послужи како мост што ги поврзува музеите и маргинализираните заедници, кои се често запоставени во општествата и културниот сектор. Преку организирани вебинари, работилници и состаноци, претставниците на музеите, невладините организации и другите релевантни корисници и чинители од целните групи ќе имаат можност да ги зајакнат врските и да воспостават нови партнерства на три главни теми: пристап и инклузија, одржлив развој и социјално претприемаштво – вели Ружин.
Проектот ќе трае 12 месеци, од септември 2021 до септември 2022 година. Реализација на проектот ќе се одвива низ три главни фази.
– Во првата фаза ќе бидеме фокусирани на теренската работа, собирање податоци, валоризација на капацитетите, подготовка и организација на состаноци, вебинари и работилници, студии за пристапност во соработка со вработените од музеите и здруженијата и потенцијалните посетители. Втората фаза ќе биде фокусирана на развој на интерактивни мапи и други ИТ-алатки, материјали и едукативни елементи, е-брошура. Третата фаза ќе биде фокусирана на ширење на знаењето, комуникација и споделување искуства, имплементација и инсталирање на едукативните, интерактивни елементи – објаснува Ружин.
Сите партнерски музеи ќе ги поминат трите фази, по што ќе инсталираат нови алатки за комуникација и толкување на нивните изложби, кои ќе бидат интегрирани во музејското искуство и активности достапни за посетителите. Сосема идентични активности ќе се спроведуваат во сите четири музеи.
– Ќе бидат креирани аудиовизуелни материјали со толкување на знаковен јазик, текстови на Брајово писмо и тактилни слики поддржани со кју-ар кодови. Ќе бидат обезбедени таблети со слушалки за секој музеј што ќе учествува во проектот. Ќе бидат организирани и вебинар, една конференција, работилници на темите пристапност и инклузија. За таа цел ќе биде изработена промотивна веб-страница. Врз основа на податоците собрани во текот на проектот, проектниот тим во соработка со стручни лица ќе создаде мапа на пристапни и инклузивни музеи на Балканот (членки на Балканската музејска мрежа) – додава Ружин.
Музеите и културните институции како носители на должности во граѓанското општество треба да го олеснат пристапот за лицата со попречености и да се приспособат.
– Според Конвенцијата на ОН за човековите права, пристапот до културата е нивно загарантирано човеково право. Неопходно е да се подготвуваат изложби и поставки со универзален дизајн и да се имплементира социјалниот модел (да не се анализираат дијагнози туку да се отстранат пречките, што впрочем ние сами не сакајќи ги создаваме). Цел на социјално одговорните музеи е да се овозможи пристапност за овие лица, за да можат тие дури и самостојно да ги посетуваат музејските поставки и изложби и да разберат што е изложено. Но пред сѐ вработените во музеите треба да научат како да пристапат и работат со лицата со попреченост за музеите да станат отворени музеи, музеи за сите – објаснува Ружин.
Треба внимателно да се утврди методологија за успешно спроведување на музејската едукација и организирање поинаква презентација, како и користење различни методолошки алатки и пристапи.
– Кога зборуваме за физичката пристапност, најдобро и најуспешно е кога зградите во кои се сместуваат музеи и галерии се градат според стандардите и според закон. Сите интервенции што подоцна се прават се потешки и покомплицирани. Кај нас е тешко кога имаме случаи музеите да бидат сместени во објекти што се споменици на културата. А кога велам бариери, не мислам само на физичките туку и на сетилните, интелектуалните, бариери во вид на ставови, културолошки бариери – вели Ружин.