Едицијата на издавачот „Бука“ содржи избор од пет најчитани книги чии корици се илустрирани од луѓе со пречки во развојот. Лимитираната едиција на бестселери носи наслов „Книги поинакви од другите“ и веќе е во продажба
Српското издание на книгата „Мојот маж“ на македонската писалка Румена Бужаровска се најде во изборот од пет најчитани книги чии корици се илустрирани од луѓе со пречки во развојот, инаку невообичаена и одлична иницијатива на српскиот издавач „Бука“. Лимитираната едиција на бестселери носи наслов „Книги поинакви од другите“ и веќе е во продажба.
„Мојот маж“ е трета книга на Румена Бужаровска (1981 г.), која предава американска литература на Филолошкиот факултет во Скопје и се занимава со книжевен превод. Авторка е на студија за хуморот во книжевноста „За смешното: теориите на хуморот низ призмата на расказот“, како и на двете збирки раскази „Чкртки“ и „Осмица“. За „Мојот маж“ писателката Оливера Ќорвезироска напиша дека одамна во домашната издавачка продукција не се појавила ваква збирка раскази, компактна, сложна, единствена во различностите, со зададен и бравурозно решен „раскажувачки проблем“, заодена со совршено јасни стапалки низ песочните наноси на болката, низ натрупаната тишина на премолчуваното, мрачното делнично, не само во стварното туку и во книжевното живеење. Според неа, ова е најдобрата збирка раскази на Румена Бужаровска досега, но и една од најдобрите збирки раскази објавени во земјава последниве неколку години.
Инаку, во текот на претстојните празници, љубителите на книгата ќе можат да ја купат лимитираната едиција од пет најчитани изданија на издавачката куќа „Бука“, која идејата ја реализира во соработка со белградската агенција „Блок енд рол“ и хуманитарната организација „Детско срце“.
Книгите ги креираа лица со пречки во развојот, кои добија можност да покажат само дел од своите скриени таленти и способности. Во едицијата, покрај „Мојот маж“ на Бужаровска, се најдоа и книгите: „Лисица“ на Дубравка Угрешиќ, „Готвење“ на Слаѓана Нина Перковиќ, „Мојата генијална пријателка“ на Елена Феранте и „Куќа“ на Ивана Џилас, кои добија сосема нов изглед и понесоа силна порака дека и кај луѓето, баш како и кај книгите, е најважно она што го носат во себе.
Целиот приход од продажбата на книгите ќе ѝ биде дониран на хуманитарната организација „Детско срце“, која им помага на лицата со попреченост.
Идејата потекна од белградската агенција „Блок енд рол“, во рамките на кампањата „Десет добри идеи“, со која агенцијата прославува десет години постоење.