Државниот архив од Прилеп за 65-годишнината од формирањето ја објави монографијата „65 години Архив во Прилеп“ (1965-2020), со што се потврди значењето на институцијата, која е столб на нашата историја и на нашиот идентитет и темел на нашата колективна меморија.
– Целта на монографијата е да ја информираме јавноста за историскиот развој на институцијата, за нејзиното значење, за задачите, надлежностите и постигнатите резултати во зачувување на архивскиот материјал и унапредување на архивската дејност. Архивот има голема улога во документирањето на настаните, за размена на информации и дигитализација на архивскиот материјал – вели раководителката Елена Чагороска.
По 65 години постоење, Архивот е подготвен за новиот предизвик за најмладата генерација архивисти, кои се спој на искуството и знаењето на претходните генерации, како и за реализација на регионалниот центар за дигитализација.