На 59-то „Охридско лето“ публиката проследи уште еден возбудлив концертен настап на двајца млади и шармантни музичари од Франција. Во рамките на традиционалната Француска вечер на фестивалот настапија кларинетистот Жо Кристоф и пијанистот Вансан Мусат. Вечерта исполнета со пријатните звуци на пијаното и кларинетот започна со соната за овие два инструмента од францускиот композитор и пијанист Франсис Пуланк, а потоа прозвучија префинети хармонски и звучни бои од Првата рапсодија на Клод Дебиси. На репертоарот се најдоа и шесте пиеси за пијано „По брановите“ од Анри Дитје. Одличната програма беше заокружена со Фантастичните пиеси на Роберт Шуман и Соната за кларинет и пијано број 1 од Јоханес Брамс.
– Имавме долга програма, но уживавме во сите дела што ги отсвиривме. Црквата „Света Софија“ е навистина прекрасна и акустиката беше одлична. Ни беше огромно задоволство што свиревме тука. Со Жо сме пријатели целиот живот, но првпат се соединуваме во дует и се надевам дека повторно ќе имаме можност да свириме заедно – изјави пијанистот Мусат.
Кларинетистот Жо Кристоф, освен што музицираше заедно со Мусат, мошне виртуозно го долови и Омажот на Клод Дебиси за кларинет соло.
– Навистина уживавме при нашиот настап на фестивалот. Публиката беше одлична и многу приемлива – рече Кристоф.
Француската вечер на фестивалот „Охридско лето“ е традиционална и се одржува секоја година со поддршка на Амбасадата на Република Франција во Македонија и Францускиот институт во Скопје. Концертот го проследи и Емануел Рембер, советник за култура и соработка при Амбасадата на Франција и директор на Францускиот институт во Скопје.