Од министерството за култура велат дека во неодамнешниот процес на нивелација на платите во сферата на културата, учество земале сите релевантни фактори меѓу кои биле и репрезентативните синдикати од областа на културата.
– Во оваа смисла, а во врска со соопштението на Синдикатот на културни работници на Македонија (СКРМ) во кое се бара ревизија на спроведената нивелација со вклучување на претставници на СКРМ, итно усвојување на новиот Закон за остварување на јавниот интерес во културата, како и потпишување на колективен договор до 30 септември годинава, Министерството за култура информира дека ги почитува барањата од културната јавност и од СКРМ и дека во заедничка спрега со институционалната култура, со граѓанските здруженија и поединци од областа на културата како и со репрезентативните синдикати во културата посветено работи за донесување на правна рамка и колективен договор со коишто ќе се решат покрај другите отворени прашања како финансирањето на јавниот интерес во културата, така и негативните состојби со платите и ќе се регулираат сите досега отворени прашања во врска со работниот однос на вработените во културата – се наведува во соопштението на ресорното министерство.
Во него се додава дека рокот за потпишување на колективен договор до 30 септември годинава, со почеток на спроведување од 1 јануари наредната година, истакнат во барањата на СКРМ, е прифатлив рок и дека како надлежна институција министерството ќе работи посветено, конструктивно и ангажирано за подобри услови за работа во сферата на културата.
Синдикатот на културните работници се закани со генерален штрајк кој ќе започне на први октомври ако не им бидат спроведени нивните барања изнесени до Министерството за култура.