До донесување на новиот закон за остварување на јавниот интерес во културата веднаш да се пристапи кон промена и дополнување на постојниот закон за културата во делот на одредбите со кои се регулира финансирањето на културата. Тоа е договорено на вчерашната средба на министерот Асаф Адеми со претставници на иницијативата „Културата е насловна страница на секое општество“, кои на прес-конференција завчера реагираа за резултатите од Годишната програма за 2019 година.
Во работната група за промена и дополнување на постојниот закон за културата ќе се вклучи и член од иницијативата – соопшти Министерството за култура, посочувајќи дека министерот Адеми во целост се согласува со укажувањата на културната јавност за недостатоци во начинот на финансирање и оценување на годишните конкурси и ја поддржува иницијативата за интервенција во сегашниот закон, во меѓупериодот до донесување на новиот закон.
Министерството во соопштение наведува дека активно ќе учествува на јавните дебати кои иницијативата „Културата е насловна страница на секое општество“ ќе ги организира за да се разговара и да се утврди модел за распределбата на буџетот во културата по дејности. На јавните дебати ќе се разгледуваат и ќе се востановат критериуми за учество и оценување по годишните конкурси за проекти од национален интерес во културата.
-Договорено е да се утврдат строги критериуми кои би биле специфични по дејности. Министерот Адеми и претставниците на иницијативата се договорија на јавен и транспарентен начин да се извршат промени на старите категории по дејности и категоризацијата да се усогласи со европските и светските модели и практики за финансирање на културните активности – информира Министерството за култура.
Адеми ги информирал за веќе донесената одлука – дека комисиите по дејности ги преиспитуваат одбиените пријави и во согласност со Законот за општата управна постапка, на субјектите кои доставиле пријави со формални недостатоци им се дава можност во соодветен рок да достават дополнителни појаснувања и документација.
Во иницијативата „Културата е насловна страница на секое општество“ се вклучени Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата „Локомотива“, „Театар на Навигатор Цветко“, кино „Култура“ – проектен простор за современи изведувачки уметности и култура, „Факултет за работи што не се учат“ (ФРЧУ) /„АКТО“ – Фестивал за современи уметности, Интерарт културен центар – „Танц фест Скопје“ и Скопје танцов театар и „ПМГ рекордингс“.