Вечерва, во 20 часот, во галеријата при домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци, третпат ќе се одржи меморијалната манифестација „Пријателите за Ристо“. Манифестацијата му е посветена на еден од најголемите македонски и кавадаречки ликовни уметници, Ристо Соколов-Сокол. Организацијата е на здружението за алтернативна култура „Алтер центар“ од Кавадарци, со поддршка на Министерството за култура.
Во негова чест, вечерва, во галеријата при кавадаречкиот дом на културата ќе бидат изложени негови ликовни дела, за неговиот живот ќе проговорат неговите соработници и пријатели, музички настанот ќе го покријат членовите на рок-бендот „Бед ес ол“ и музичките трубадури од составот „Трио гранде“, преку видеопрезентација на видео и фотоматеријал од неговата работа и живот, во авторство на неговите долгогодишни пријатели и соработници: Тони Коцев, Јадран Манчев, Марјан Тодоровски, Тони Галабов, Билјана Соколова Тодоровска, Александар Малинков, Деан Мелов Астрато, Трајче Јованов и др. Настанот ќе биде заокружен со изложба на уметнички фотографии на Билјана Соколова-Тодоровска. Ристо Соколов-Сокол (1957 – 2015) е еден од доајените на средната генерација македонски ликовни уметници, графичар по вокација, врвен ликовен уметник, познат по многубројните изложби во Македонија и странство, по ликовните, но и мултимедијалните перформанси во кои се даваше себеси и како човек и како уметник, соработуваше со најдобрите театарски, ликовни, фотографски, музички и литературни уметници од Кавадарци, Македонија.
Генерации млади уметници од сите дејности созреаја под негово менторство. Автор е на десетици театарски сценографии, насловни страници на литературни дела и нивен илустратор, автор е на десетици сценографии за рок-фестивали, детски музички фестивали и рок, џез и поп-концерти, а легендарни се неговите карневалски поставки и сценографии на манифестацијата „Тиквешки гроздобер“. – Беше организатор и уметнички раководител на голем број квалитетни меѓународни ликовни колонии. Изработил стотици дизајни за плакати и каталози за најразлични културни и уметнички настани.
Основач е на култното уметничко студио „Сокол, арт“ (неговото отворено ателје) во Кавадарци, еден од основачите на здружението за алтернативна култура „Алтер центар“ од Кавадарци, кое на 16 април 2018 по третпат, на денот на неговото раѓање, се поклонува пред неговото врвно уметничко и човечко дело, славејќи го својот соработник, пријател и соборец во кавадаречкото културно, уметничко и урбано секојдневие – велат организаторите. Добитник е на највисоката награда на општината Кавадарци „7 Септември“, за време на студиите на Факултетот за ликовни уметности во Скопје е прогласен за студент на генерацијата и во тоа време за најдобар млад графичар-студент во поранешна Југославија. Беше член на ДЛУМ од дипломирањето, а и еден од основачите и долгогодишен претседател на Друштвото на ликовни уметници Кавадарци (ДЛУК).