Од 2005 година Маркови кули се наоѓаат на привремената листа на заштитени подрачја на УНЕСКО со објективни потенцијали по спроведената постапка за позиционирање на постојаната листа на исклучително значајни региони во светот
Биогеографската целина Маркови кули кај Прилеп, како и охридскиот регион се единствените простори во Македонија што се наоѓаат на листата на заштитени подрачја на УНЕСКО. Од 2005 година Марковите кули се наоѓаат на привремената листа на заштитени подрачја на УНЕСКО со објективни потенцијали по спроведената постапка за позиционирање на постојаната листа на исклучително значајни региони во светот.
Во функција на заокружување на националниот и интернационалниот статус на биогеографската целина Маркови кули, Институтот за старословенска култура -Прилеп и општината Прилеп денеска и утре организираат меѓународен научен собир „Биогеографска целина Маркови кули: природни содржини и културни вредности“ со кој ќе се заокружи научната валоризација на локалитетот преку сублимирање на резултатите од досегашните истражувања како и утврдување на идните насоки за научноистражувачки активности, заштита, туристичка експлоатација и создавање база за заокружување на националниот и интернационалниот статус на Маркови кули.
– Природните содржини се соодветно правно валоризирани во 2006 година. Во рамките на заштитеното подрачје, како и на просторот непосредно околу него се позиционирани голем број споменици на културата од особено значење: манастирот „Трескавец“, фортификацијата на средновековниот Прилеп, манастирот „Св. Архангел Михаил“, црквата „Св. Димитрија“, црквата „Св. Никола“, црквата „Св. Атанас“ и др. Во одмината фаза е реализацијата на проектот за заштита на Маркови кули, финансиран од УНДП со кој се создаваат елементарни предуслови за ставање во функција на заштитеното подрачје. Годинава потпишавме и меморандум за соработка помеѓу Институтот за старословенска култура и општината Прилеп за идните активности – вели Бранислав Ристески, директор на Институтот за старословенска култура – Прилеп.
Туристичката експлоатација на овој простор се очекува да биде детерминирана со изработката на стратегијата за развој на туризмот. Овие, како и големиот број идни планирани активности се во функција на финализирање на постапката за донесување на планот за управување со заштитеното подрачје како базичен документ за идните зафати на овој простор, но и подготовка за изработка на досие за номинација за постојаната листа на УНЕСКО како комплексен документ.
– Меѓународниот собир е мал исчекор во активностите за вклучување на Македонија во глобалните процеси, каде што, без сомнение, централно место заземаат активностите за членство на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија – додава Ристески.