Светската премиера на најновиот игран филм „Врба“ на Милчо Манчевски ќе се случи на Филмскиот фестивал во Рим, кој се одржува од 17 до 27 октомври. Премиерата на „Врба“ во Рим е на 19 октомври и ова ќе биде прв македонски филм што е селектиран во официјалната програма на овој фестивал, најмладиот меѓу најелитните 5-6 во светот, каде што свои светски премиери досега имале многу оскаровци.
Антонио Монда е уметнички директор на фестивалот, на чие огромно задоволство филмот „Врба“ беше селектиран во официјалната програма, заедно со триесетина филма меѓу кои и најновото остварување на легендарниот Мартин Скорсезе „Ирецот“, како и „Мадрлес Бруклин“ на Едвард Нортон. Годинава добитник на наградата за животно дело е актерскиот великан Бил Мареј, кому наградата ќе му ја врачи прославениот американски режисер Вес Андерсон. Во Рим ќе дојдат и едни од најзначајните современи филмски режисери како Јапонецот Хироказу Коре-еда и Французите Бертран Таверние и Оливие Асајас. Силната селекција на фестивалот во Рим изминативе години е индикатор за идни оскаровци.
– Филмот „Врба“ на Манчевски е континуитет на една успешна приказна, која на нашата земја ѝ го донесе најголемиот успех. Милчо е македонскиот „билборд“ во светот. Самиот факт што филмот е селектиран на еден ваков престижен фестивал е одличен доказ за тоа – вели Горјан Тозија, првиот човек на Агенцијата за филм.
„Врба“ е шестиот долгометражен филм на Милчо Манчевски. Филм за мајчинство, љубов и доверба. Во филмот игра млада актерска екипа: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев, Камка Тоциновски. Во другите улоги се Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ и други.
– По десет години, убаво е пак да снимам тука, во меѓувреме снимив филм во Њујорк, краток филм во Куба и уште еден во Њујорк. Овој пат искуството беше одлично оти имав поддршка во организацијата како никогаш досега. Овој пат работев со одлични продуценти, посветени, чесни, професионални. „Врба“ е приказна за три мајки, филм за лојалност, љубов, мајчинство и доверба – вели Манчевски.
Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија. Снимањето на филмот траеше два месеца, од крајот на октомври до првата половина на декември 2018 година, низ различни локации на живописниот прилепски регион и на препознатливи локации низ Скопје. Процесот на снимањето на филмот помина во совршен ред, благодарејќи на професионализмот на целата екипа, и успеа да се сними дури и неколку дена порано од предвиденото.