Изложбата „Имагинарни знамиња“ на македонските уметници Маја Стефановска и Ален Реџепагиќ е отворена во галеријата „Препород“, во рамките на интернационалниот фестивал „Сараевска зима“, чие годинашно мото е „Бучава и бес“. Во рамките на зададената тема, Стефановска и Реџепагиќ учествуваат со проект што има мултимедијален израз и е составен од инсталација од 12 принта, со димензии 80 x 160, и перформанс. Принтовите претставуваат имагинарни знамиња (амблеми), без конкретни симболи на каква било припадност (национална, верска, политичка, расна, родова…), така што мотивите не упатуваат, ниту пак асоцираат на одредена заедница или идентитет. Тие единствено ги претставуваат вистинските и трајни човекови вредности како емпатија, љубов, култура, животни ресурси.
Уметниците изведоа и перформанс во кој ги покажаа неизменичното уништување и обновување на изложените знамиња во галерискиот простор. Поставувањето на знамињата, како што појаснија тие, а потоа нивното буквално уништување и кинење на материјалот е последица на деструкција, бес, фрустрација и немоќ. Упорноста на човековите вредности, пак, ја покажаа со повторно поставување нови знамиња.
Уметниците со овој перформанс ја покажаа неуништливоста на есенцијалните човекови вредности. Директорот на фестивалот „Сараевска зима“, Ибрахим Спахиќ, и директорката на галеријата „Препород“, Мирсада Баљиќ, им се заблагодарија на Реџепагиќ и на Стефановска за учеството на фестивалот и најавија низа културни настани што се резултат на добрата културна соработка помеѓу двете земји.