Во летното кино на Кинотеката премиерно вчера беше прикажан филмот „Нејзиното семејство 2010-2019“ на Елизабета Конеска, додека во Парк МКЦ публиката на „Македокс“ го гледаше филмот „Професорот“ на Јордан Дуков.

Документарниот филм „Нејзиното семејство 2010-2019“ е снимен по сценарио и во режија на Елизабета Конеска, монтажата е на Блаже Дулев, а реализиран е во продукција на НУ Музеј на РСМ. На премиерата присуствуваше авторката и главната протагонистка. Мерѓузел е традиционална, но силна жена која сака и се обидува да се еманиципира себеси. Во константна потрага по подобар живот, заедно со членовите на своето семејство, таа го менува своето/нивното место на живеење веќе 10 години.

Пристапот на Конеска во снимањето на филмот е антрополошки. На почетокот ја интересирале обичаите, свадбите, веселбите и начинот на живеење на Јуруците во Македонија со намера да направи истражување за потребите на Музејот на РСМ. Со главната протагонистка се запознале уште во 2002 година во Коџалија, село во близина на Радовиш, но снимањето почнало откако Конеска добила своја камера.

– Кај Мергузел ме восхити нејзината интелигенција при првите средби, а сама го снимив филмот со мојата камера со цел да бидам поблиску до луѓето и средината во која живеат – објасни Конеска по премиерата на филмот.

На протагонистката Мерѓузел филмот многу ѝ се допадна, а пред публиката во Кинотеката кажа дека ја потсетил на многу работи што се случувале во нејзиниот живот во изминатите десет години, колку што траело снимањето. Екипата на филмот беше испратена со аплауз.

Документарниот филм „Професорот“ на Јордан Дуков е филмско првенче на продукцијата „Кадар“, а втор долгометражен документарен филм на Дуков, по „Планински кавијар“ (Блубери Хил, 63 мин., 2017, Македонија), што премиерно беше прикажан на „Македокс“ во 2017 година.

Филмот „Професорот“ е посветен на гевгелиската легенда Илија Џаџев и на звуците на неговата хавајска гитара. Продуцент е Љубиша Арсиќ, филмот го снимија Доријан Миловановиќ и Кристијан Караџовски, анимациите се на Крсте Господиновски, а монтажата е на Доријан Миловановиќ. Практично, духот на Џаџев беше присутен и на премиерата на филмот со реставрираната гитара, која беше поставена пред филмското платно.

– Гитарата ќе биде присутна на секоја проекција на филмот, бидејќи така го пренесуваме духот на Џаџев, чиј живот бил постојано патување и секој ден бил нова приказна – истакна авторот Дуков пред публиката во Парк МКЦ.

Тој објасни дека откривајќи ја животната приказна и трагајќи по страниците од недовршениот роман на Џаџев научил дека слободата е најважна од сѐ и дека тоа што го сонуваме, можеби, нема да се оствари, но секогаш вреди да сонуваме.

Илија Џаџев по професија бил професор по географија, но неговите гевгелиски современици го паметат како уметник, како поет со слободна душа и како последниот македонски трубадур.

Како коментар од публиката, филмската критичарка Илинденка Петрушева истакна дека „Илија Џаџев е културно наследство на Македонија кое многу години е игнорирано, но со филмот на Дуков се потсетуваме на овој блескав медитерански карактер“, со што на авторот му заблагодари за филмот.

Фестивалот „Македокс“ е поддржан од програмата МЕДИА на Креативна Европа, Институт „Јунус Емре“, Амбасада на Кралството Холандија, Град Скопје, Амбасадата на Република Чешка во Софија. Пријатели на фестивалот се Музеј на РСМ и Археолошкиот музеј.

Коорганизатори на 11. Македокс се МКЦ и Кинотека на РСМ. Партнери на „Македокс“ се „Петра Пан филм продукција“ и „Кино Култура“.

Медиумски покровители на Македокс 2020 се: МТВ – Прв програмски сервис, Слободен печат, Нова Македонија, Плус Инфо, СДК.мк, МКД.мк, Офф.нет, Окно, Е-магазин, Плагиј.ат, Его, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Музичко радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Гледај.мк, Лице в лице, Види Вака и ПопАп.

Билети за проекциите во он-лајн продажба може да се набават преку мрежата
„mktickets.mk“.

Проекциите и настаните на отворен простор се организираат согласно
протоколите за заштита од коронавирусот ковид-19:
– задолжително носење заштитна маска за време на целиот настан
– мерење температура при влезот во фестивалските простори
– одржување на растојание од 1,5-2 метра
– дезинфекција на рацете пред и по одржувањето на проекциите.