Прелистувајќи ги делата и уметниците што ја сочинуваат збирката на овој музеј, нема да најдете ниеден македонски автор, а според записите во Каталогот од 1965-та, по повод отворањето на Музејот во Белград, колекцијата содржела дела од неколку македонски уметници: Спасе Куновски, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, на кои денес, за жал, им е загубена трагата
Натали Рајчиновска Павлеска
По десет години затвореност за јавност, а по повод отворањето на реновираната зграда на Музејот на современата уметност во Белград, организирана е интернационална изложба насловена „Секвенци. Уметноста на Југославија и Србија од збирката на Музејот на современата уметност“ вклучувајќи ги поранешните југословенски држави и автори од колекцијата на музејот, кои го одбележаа 20 век во овој регион: Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија. Македонија не е застапена.
Изложбата опфаќа над 300 дела што го обележија периодот од почетокот на 20 век до денес. Автор на концептот е Дејан Сретеновиќ, а, покрај него, кустоси на изложбата се Мишел Блануш и Зоран Ерич. „Секвенци“ претставува историска изложба што ја опфаќа современата уметност, за да се реафирмира збирката на МСУ и да понуди ново врамување за запознавање и разбирање на уметноста создадена на овие простори. Она што е наведено од авторот дека „изложбата не е политички неутрална, која минатото го заклучува во музејските витрини“, ја нагласува парадоксалноста на концептот, кој од една страна ја истакнува политичноста на институцијата, а од друга страна ја употребува „југословенската уметност“, сосема неправилно или неправедно, потсетувајќи нѐ дека со реконструкција на просторот на сеќавањето, македонската уметност намерно е исклучена.
Овој факт говори за историско антагонистички спротивставени поимања за југословенската уметност, за хегемонистички супериорен приод кон толкувањето на периферните појави и влијанија од јужнососедскиот културен дискурс, бришејќи ја еквиваленцијата во социјалната размена. Имајќи го предвид неодминливиот факт за нашето отсуство во таа нова канонизација во мастер-наративата, се поставува прашањето дали македонските институции одговорни за интернационална соработка и промовирање на македонската уметност, не помалку вредна и не помалку присутна во движењата на пошироката југословенска сцена и доминантниот постоен дискурс, биле поканети да одговорат на повик за соработка или размена/донација на дела во последните две-три децении и доколку биле поканети дали одговориле на истата покана. Дали поединци, институционални работници, кои имаат обврска да одговорат во името на една цела нација, доброволно ја исклучиле македонската уметност од историските записи?
Доколку сме целосно исклучени, маргинализирани, или како што произлегува – непостојни во ваквите нови впишувања, апсолутно е извесно дека нашата уметност целосно ќе биде избришана и ќе остане да постои како сведоштво на нашите историски периодизации. Прелистувајќи ги делата и уметниците што ја сочинуваат збирката на овој музеј, нема да најдете ниеден македонски автор, а збирката датира дела од почетокот на 20 век, како дел од наследството на Модерна галерија, кое во тоа време има околу 3.500 уметнички дела, денес фонд со бројност од околу 8.000 дела, како најрепрезентативна колекција на југословенскиот уметнички простор во периодот 1900-1991 г. Според записите во каталогот од 1965-та, по повод отворањето на Музејот во Белград, колекцијата содржела дела од неколку македонски уметници: Спасе Куновски, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, на кои денес, за жал, им е загубена трагата.
Според одредени сведоштва, институционалната размена постоела во тоа време, извршени се откупи на голем број дела од македонски автори од повоениот период, но како таа соработка се одвивала понатаму низ годините е сосема нејасно, знаејќи дека денес нема никаква видлива трага од нашите дела таму. Уште позагрижувачки се рецентните политики на МСУ-Белград и тамошните кустоси, кои во името на институцијата одбиваат да дадат одговор на ова прашање, нејасно со каква намера го затскриваат евидентниот податок дека делата (национална сопственост на државата, сопственост на Музејот во Белград), претходно сопственост на нашите институции или семејства на починатите автори, сосема исчезнале.
Уметниците од постарите генерации често сведочат за нивните патувања и гостувања на меѓународни изложби и настани во доста долг временски период, под навистина тешки услови за вмрежување, вложувајќи лични напори и патувајќи по траекторијата на уметноста, не на институциите, ставајќи се себеси рамо до рамо со своите колеги од поранешните простори на Југославија, во некоја мера и како антиципатори на одредени придвижувања на современите текови. Тажно е што денес нашите заложби за нивно потврдување, позиционирање, сведочење, се непостојни. Дали сме направиле доволен напор да се афирмираме, барем онаму каде што можеби нѐ препознаваат, во соседството? Нашите ценети уметници како Мазев, Перчинков, Шијак, Луловски, Анастасов, Калчевски… треба да бидат еднакво препознаени како Бјелиќ, Поповиќ, Лубарда, Ступица… Од друга страна, во Националната галерија на Македонија има уважување на современата уметност на југословенските автори преку често изложување и навраќање кон нивното неприкосновено значење на овие простори.
Според логиката на размена на дела помеѓу доминантните институции што заеднички се именувани како современи, ваквото отсуство сведочи за радикален дисконтинуитет во поширока препознатлива слика. Она што се сметаше за културно значајно во претходните историски периоди – интернационалната размена на дела и соработка помеѓу институциите, останува настрана од институционалните агенди и политики, со евидентен застој во таа поширока историска и географска одредница и канонизација. Но доколку не се воспостават паралели помеѓу местата и периодите, како може да ги разбереме разликите или сличностите и нивното одново препрочитување? Релативизирајќи ги понатаму сите доминантни струења, дискурси, вреднувања, доведува до создавање митолошка слика за македонскиот уметник.