На ретроспективата „Времињата се менуваат 1918 – Падот на Австро-Унгарската империја“ организирана од Австрискиот филмски архив по повод одбележувањето на крајот на Првата светска војна и 100-годишнината на Републиката, македонската вечер беше посветена на пионерите на филмот на Балканот, браќата Јанаки и Милтон Манаки.
Како што соопшти Кинотеката на Македонија, за значењето на овие филмски остварувања, како и за нивното чување, заштита, реставрирање, дигитализирање, истражување и презентирање, зборуваше Игор Старделов, раководител на филмскиот архив во Кинотеката на Македонија.
На ретроспективата со свои филмови беа претставени филмските архиви од дел од земјите кои, директно или индиректно, биле поврзани со Австро-Унгарската империја и со Првата светска војна: Австрија, Унгарија, Италија, Чешка, Полска, Русија, Романија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Македонија.
Проекциите се одржуваат од 10 ноември до 6 декември во киното на Австрискиот филмски архив сместен во зграда стара еден век.