Култниот режисер Лордан ќе биде гостин во Кинотека на Македонија и неколку дена ќе се прикажуваат негови филмови. Зафрановиќ остана трајно запамтен по филмовите „Окупација во 26 слики“, „Падот на Италија“ и добитник е на многу награди. Тој е еден од најзначајните југословенски режисери и заедно со Горан Марковиќ, Горан Паскаљевиќ, Срѓан Карановиќ, Рајко Грлиќ, а подоцна ќе им се придружи и Емир Кустурица, е припадник на таканаречената Прашка школа.
Првиот филм од циклусот „Гостин со причина“, кој ќе биде прикажан на 3 април, е „Окупација во 26 слики“, а освен како режисер на овој филм, Зафрановиќ се потпишува и на сценариото заедно со Мирко Ковач, Филип Давид и Стипе Гурдулиќ. Ова е еден од најконтроверзните филмови во Југославија и предизвика бурни реакции веднаш по прикажувањето. Проекцијата ќе почне во 19 часот.
На 4 април ќе бидат прикажани два филма на Зафрановиќ, и тоа „Недела“ во 18 часот и „Падот на Италија“ со почеток во 20 часот. Филмот „Недела“ е првиот филм на Зафрановиќ. Овој филм се смета за првиот во Прашката школа и во него во главна улога се појавува Горан Марковиќ. Филмот ја доби наградата „Златна арена“ на филмскиот фестивал во Пула во 1981 година.
Последниот ден од циклусот на 5 април со почеток во 19:30 часот ќе биде резервиран за „Вечерни ѕвона“, во кој главните улоги ги играат Раде Шербеџија, Петар Божовиќ, Миодраг Кривокапиќ и Петре Прличко. Филмот е базиран на романот „Врата од утробата“ на Мирко Ковач – роман кој во 1978 година го добива најпрестижното литературно признание во Југославија – Наградата на НИН од критиката.
Пред проекцијата на филмот на 5 април, разговор со Лордан Зафрановиќ ќе води проф. д-р Наум Пановски. Во рамките на посетата на Зафрановиќ во Македонија, Факултетот за драмски уметности од Скопје организира средба во нивните простории на 3 април, со почеток во 11 часот.