Во насока на промовирање на современите културни достигнувања, општината Илинден од 15 до 19 мај ќе ја организира 19-та литературна манифестација „Илинден 2018“, која ќе биде отворена во вторник во 19 часот, во домот на културата „Илинден“, а централниот настан – поетскиот митинг „Стихови за душата“ ќе се случи на 18 мај, во 19 часот, со настап на триесетина писатели од Македонија и од балканските држави.
Во рамките на манифестацијата во домот на културата „Илинден“ под мотото „Денови на книгата“ ќе се одржи саем на книгата, промоција на книгата „Триптих за Македонија“ од Раде Силјан, како и на книги од млади автори, портретот на словенечкиот писател Милан Јазбец, словенечки амбасадор, а стихови од поетската книга „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“ на словенечки и на македонски јазик ќе читаат членови на Словенечкото друштво за пријателство во Република Македонија.
Во програмата е и книжевна средба со поетите на 1970-тите години: Веле Смилевски, Ефтим Клетников, Ристо Лазаров, Санде Стојчевски, Катица Ќулафкова, Бранко Цветковски и Славе Ѓорго Димовски, како и музички колаж на Марјан Јанковски и „Портал“. Дел од манифестацијата е и традиционалното Литературно матине за деца, на кое ќе настапат повеќе писатели за деца и млади. Ќе бидат доделени награди и пофалници за најуспешните творби на учениците, пристигнати на литературниот конкурс распишан од општината Илинден.