Во петокот заврши ликовната колонија „Дрен“, која ја реализира центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп. Една недела, 11 уметници од земјава и од странство твореа и создаваа дела што ќе останат во трајно наследство на прилепскиот центар. Своите инспирации на платно ги пренесоа сликарите: Мирослав Живковиќ и Снежана Малетин од Србија, Мирјана Крстева Масети, Александра Петкова-Џианели, Буба М. Солак, Драган Најденовски, Новица Трајковски, Владимир Темков, Тони Чатлески, Стефан Малбашиќ. Дела создадоа и скулпторите Слободан Милошески и Марјан Стојаноски.
– На уметниците секогаш им е потребно многу патување, многу дружење. Колониите се непресушна потреба од инспирација, од нови моменти, нови искуства – вели Буба М. Солак, потенцирајќи дека на платното го пренела прилепскиот предел.
Мирослав Живковиќ од Србија, професор на ФЛУ во Ниш, кој вторпат учествува на прилепската колонија, е задоволен од организацијата и од прилепското гостопримство.
– Запознавав нови луѓе, нови колеги што доаѓаат од различни средини, и тоа придонесува за квалитетот. Инспирација ми беа пејзажите од Прилеп – вели Живковиќ.
Уметницата Мирјана Крстева Масети посочува дека за уметниците колониите се многу важни.
Тука има дружење, се раѓаат нови идеи. Ние како уметници оставаме дел од себе и го збогатуваме фундусот на колонијата – вели Масети.
И скулпторот Слободан Милошески вели дека прилепската колонија е одлично организирана и тука уметниците имаат можност за размена на искуства, а тој сработи скулптура во метал што го отсликува Прилеп.
Марјан Стојаноски, раководител на ликовната дејност во ЦК „Марко Цепенков“, е задоволен што колонијата помина одлично и се создадоа вредни уметнички дела што ќе бидат презентирани на изложба. За директорката на прилепскиот центар, Јасмина Мицовска Станкоска, колонијата е традиција на која се создаваат вредни дела.
– Колонијата со години на едно место ги собира уметниците од земјава и од странство и зад себе има околу 350 дела што остануваат како културно наследство. Тоа е големо културно богатство – вели Станкоска.