Избор од 105-те дела најверојатно ќе види и публиката во Прилеп и во Велес
Ликовната уметница Лидија Саздовска претстави голем дел од своето 40-годишно сликарско творештво на ретроспективна изложба во Музејот на градот Скопје, која заврши вчера, а беше отворена на 13 јуни. Таа презентира 105 дела од циклусите: „Меланхолија“, „Летно попладне“, „Медитација“, „Љубов“, „Записи“ и „Ликови “
– Генерално сум задоволна од поставката, иако сметам дека ќе беше уште поефектно ако изложбата беше поставена во целиот музејски простор, а времетраењето беше подолго. Ова го велам од причина поради обемноста и енергијата што беа потребни да се оствари овој голем проект. Во денешно време воопшто не е едноставно да се организира самостојна изложба, особено ваква што опфаќа период од четиридецениско творештво. На вакви изложби треба да се посвети многу поголемо внимание – вели Саздовска.
Таа изразува незадоволство од медиумската покриеност на изложбата.
– Се чини дека политичките превирања во нашата земја ги заземаат примарните интереси во севкупниот живот – забележува уметницата.
Лидија Саздовска вели дека е во преговори дел од изложбата да биде презентиран пред публиката во Прилеп во есенскиот период, а можеби и во Велес.
– Следната пролет планирам да се претставам во Ница – Франција, каде што постои поголем интерес за моите дела – рече таа.
Лидија Саздовска е родена во Белград, живее и работи во Скопје каде што завршила Училиште за применета уметност, Педагошка академија и Ликовна академија. К.Б.