Промоција на новата книга од Лидија Димковска, насловена „Кога заминав од Карл Либкнехт“, во издание на „Или-или“, ќе се одржи вечерва, во 21 часот, во ресторанот „Менада“. Модератор на промоцијата ќе биде Теа Беговска, додека, пак, промотори Елизабета Шелева и Александра Јуруковска. По ангажираната поезија во „Црно на бело“ и романите „Резервен живот“, „Но-Уи“ и „Скриена камера“, овој пат Димковска на читателите им подарува одлична збирка раскази, меѓу кои пет од нив како целина го добија специјалното признание „европско културно наследство“, во рамките на конкурсот за расказ „Европски приказни“, наменет за добитниците на наградата на Европската Унија за литература.
Збирката „Кога заминав од Карл Либкнехт“ е смислена како 27 исповеди на луѓе од различни страни на светот чиј живот на некој начин бил поврзан со името на Карл Либкнехт, поточно за адресата врзана за неговото име. На макроплан ова е јасна и ангажирана вивисекција на актуелните случувања во Европа и во светот.