Оксана Бајул, олимписка победничка во уметничко лизгање од 1994 година, за својот ревијален настап во Лилехамер ја одбра музиката на Сен-Санс, неговиот „Лебед“. Шеснаесетгодишната девојка како да лебдеше над мразот, беше грациозна и достоинствена, елегантна како вистински лебед. На нестварно впечатлив начин се соедини со нежната музика.
Многу години претходно, во 1905 година, најголемата балерина на сите времиња, Ана Павлова, се вљубила во поемата на Алфред Тенисон „Смртта на лебедот“ и сакала да ја оживее низ танц. Специјално за неа кореографот Михаил Фокин го направил истоимениот краток соло-балет, кој ги опишува последните мигови од животот на еден лебед. Музичка подлога бил, сосема соодветно, „Лебедот“ на Сен-Санс. Балетот доживеал исклучителен успех, Ана Павлова го одиграла околу 4.000 пати.
Прекрасните изведби на Ана Павлова и на Оксана Бајул ја овековечиле музиката и ѝ дале вонвременска димензија. А малку недостигало „Лебедот“ никогаш да не ја здогледа светлоста на денот. Во 1886 година, Камиј Сен-Санс (1835-1921) напишал свита од 14 става, наречена „Карневалот на животните“. На духовит и шеговит начин, користејќи различни инструменти, ги опишал животните. Иако уживал во компонирањето, Сен-Санс се загрижил дека „Карневалот“ ќе му го наруши угледот на сериозен композитор, па ја забранил неговата изведба и, за време на неговиот живот, дозволил да биде објавен само еден став од свитата, една лирска композиција за виолончело и клавир наречена „Лебед“. Клавирската делница, низ разложените акорди, го претставува речиси незабележливото бранување на водата, а виолончелото „плива“ врз неа низ нежна, романтична и мечтателна мелодија.
(По смртта на Сен-Санс, во 1922 година, целиот циклус „Карневал на животните“ бил објавен и праизведен. Се закитил со исклучителен успех, кој трае речиси сто години. Но тоа е веќе друга приказна.)
Лада Шоптрајанова Петровска