Урнат е рекордот за цена што ја постигнало дело на еден жив уметник – скулптурата на современиот уметник Џеф Кунс – балон во облик на зајак, изработена во челик, се продаде за 91 милион долари на аукција во Њујорк. Вредноста на скулптурата „Зајак“, висока 104 сантиметри од 1986 година на американскиот скулптор, непосредно пред аукцијата во „Кристи“, беше проценета на 50 до 70 милиони долари.
Според „Њујорк тајмс“, делото го купил трговецот со уметнички дела Роберт Е. Мнухин, татко на американскиот министер за финансии Стивен Мнухин.
Со постигнатата цена е урнат рекордот што го држеше британскиот сликар Дејвид Хокни. Неговото платно „Портрет на уметникот“ беше продадено за 90,3 милиони долари.
Џеф Кунс е познат по своите скулптури како балон животни, произведени во не’рѓосувачки челик, со огледално финиширани површини. Меѓу најпознатите се порцеланската скулптура на Мајкл Џексон со неговиот мајмун миленик, скулптурата на Пинк Пантер, скулптурата на жена во када, зајакот од челик, како и полупорнографските слики со неговата поранешна жена, порноѕвездата Чичолина.
Тој е еден од најконтроверзните уметници на денешнината, наречен крал на кичот. Тој е еден од најпознатите, најскапи и најпопуларни живи уметници во Америка. Едни го слават како вешт промотер на своите дела, кој умее обичните нешта и предмети од секојдневниот живот како играчките, подароците, евтините украси да ги трансформира и промовира како висока уметност, а неговите изложби што патуваат низ целиот свет привлекуваат големо внимание.