Петтото издание на мултимедијалната манифестација „Креативни точки 2019“ ќе се одржи утре (14 ноември, четврток) во Салонот 19.19, со почеток во 19:19 часот.
Предвиден е настап на млади, но веќе афирмирани автори, прозаисти, поети, актери и музичари.
На „Креативни точки 2019“ учествуваат Петар Андоновски, Долорес Атанасова Лори, Ѓоко Здравески, Игор Крајчев, Владимир Лукаш, Биљана Стојановска, Снежана Стојчевска, Исток Улчар, Ана Голјешка Џикова, ГЖМХ „Менада“ од Тетово под раководство на маестро Ивица Зориќ и студентите од ФДУ Скопје од класата на професорката Зоја Бузалковска.
Организатори се Центарот за култура и културолошки студии и Културно информативниот центар на град Скопје со учество на женскиот хор „Менада“ од Тетово.
– Манифестацијата нуди можност, преку заедничка креативна работа творците да ги споделат искуствата и да предложат дела со високи уметнички вредности, кои едновремено засегаат во секојдневното живеење на младата генерација. Искуството од претходните четири изданија на манифестацијата говори дека таа придонесува за помасовна рецепција на литературното творештво и нуди интересна, интензивна, динамична и раздвижена културна програма – објаснуваат организаторите.
Влезот е бесплатен.