Агенцијата за филм соопшти дека фестивалот „Македокс“ и новиот филм во развој на продукцијата „Сестри и брат Митевски“ добија финансиска поддршка од програмата Креативна Европа МЕДИА која го финансира аудиовизуелниот сектор во Европа.
„Најсреќниот човек на светот“ – новиот филм во развој на продукцијата „Сестри и брат Митевски“, режија на Теона Стругар Митевска ја доби поддршката од Креативна Европа МЕДИА во износ од 30.000 евра на повикот за „Развој на проекти“.
Филмот е по сценарио на Теона Стругар Митевска и Елма Татарагиќ и ќе биде претставен на Канскиот филмски фестивал пред повеќе продуценти, дистрибутери, продажни агенти, фестивалски селектори како дел од програмата за развој на проекти Ателjе.
Филмот „Најсреќниот човек на светот“ ја доби и првата награда за развој на проект од Еуроимаж во висина од 20.000 евра во рамките на маркетот Синелинк на Сараевскиот филмски фестивал.
Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ петта година по ред доби поддршка од Креативна Европа МЕДИА на повикот за Фестивали.
Поддршката за „Македокс“ се однесува за изданието во 2020 година и изнесува 27.000 евра. Фестивалот „Македокс“ веќе го најави и партнерството со три фестивали на документарен филм (ДОК.фест Минхен, Докс Барселона и ФИПАДОК) со кои заедно ја формираат мрежата ФестДокс Нетворк. Партнерството меѓу овие четири клучни фестивали за документарни филмови е резултат на заедничката цел за поддршка и промоција на исклучителните креативни документарни филмови, како и зголемување на нивната достапност кон што поголема публика.