„Да градиме и живееме во општество еднакво за сите. Гласот на ретките болести е посилен кога сме заедно.“ Ова се пораките кои Гостивар ги испрати по повод месецот за подигнување на јавната свест за ретката болест – ихтиоза. Месецот се одбележа со промоција на краткометражен филм за животот на Јосиф Мишевски од гостиварско Тумчевиште.
– Станува збор за 8 минути краткометражен филм во кој се обидувам да ги раскажам сите мои предизвици за моите 28 години. Јас се обидував да не потклекнувам пред предизвиците, да не се кријам туку да стремам да носам светлина кај луѓето-рече Јосиф Мишевски.
Пред присутните на промоцијата се обрати и Весна Алексовска, претседател на здружението на граѓани со ретки болести „Живот со Предизвици“.
-Јосиф го запознав пред неколку години и ми беше мило што има толку надеж и позитивна енергија, со желба да помогне, не само да бара помош. Ретките семејства се такви, секој подава рака на другиот, затоа што знаеме колку боли,-рече Алексовска.
Како поддршка за Јосиф на настанот беше и малата Ива Петреска од Гостивар која исто така е пациент со ретка болест.
Александар Самарџиев