Концертот „Сеќавања“ на пијанистката Дуња Иванова, кој ги обединува можеби најлуцидните парчиња музика на Макс Рихтер, Лудовико Еинауди и Јан Тирсен, ќе се одржи вечерва со почеток во 19:30 часот на платото пред ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Концертот ќе се одржи со запазување на сите мерки за заштита од коронавирусот. За присутните е задолжително  носењето маска, мерење температура и дезинфекција на раце.

Во минималистички манир, но со програмски определени содржини, пијанистката ќе ни ги претстави музичките автори на исклучително софистициран начин, со современ израз и ќе ни понуди уникатна музичка приказна.

Дуња Иванова (1985), професор во музика, со солистичка и камерна концертна дејност се претставува во Њујорк (САД), Париз (Франција), Сараево (БиХ), Тирана (Албанија), Рагуза (Италија), Приштина (Косово), на бројни фестивали како Скопско лето, Охридско лето, Денови на Македонската музика, Музика вива, Филмскиот фестивал Браќа Манаки, Струшки вечери на поезијата…. Особено значајни се нејзините рецитали посветени на музиката на Збигњев Прајснер, Филип Глас, Лудовико Еинауди, Арво Перт, Руичи Сакамото, Мајкл Најман, Тери Рајли, Стив Рајх, Микаел Сапин, Давид Федел, Бјанка Бан, Јан Тирсен, Макс Рихтер како и низа мултимедијални концерти и настапи на нестандардни локации.

Ка.М.