Контрабасот сѐ уште не е етаблиран на класичните концертни платформи, а неговата солистичка конотација останува да биде предизвик и за композиторите, но и за самите изведувачи. Токму поради овие факти, и ретката можност да го чуеме овој инструмент соло на класичниот концертен подиум, вистинско уживање беше настапот на нашиот контрабасист Ѓорѓи Цинциевски со оркестарот на Македонската филхармонија
Контрабасот ретко може да се чуе како солистички инструмент на класичните концертни подиуми. Иако во џезот има посебно и доминантно место, во класичната музика овој инструмент сѐ уште се бори за глас. За разлика од 19 век кога австрискиот басист и композитор Јохан Матијас Спергер ги изведе двата концерта чија изведба критиката ја опиша како „одлична со оглед на фактот дека контрабасот не е соло-инструмент“, ситуацијата денес е малку, но не и премногу различна. Контрабасистите и денес главно се и композитори на дела за овој инструмент, а литературата не е премногу побогата со композиции за овој инструмент во однос на 19 век. Контрабасот сѐ уште не е етаблиран на класичните концертни платформи, а неговата солистичка конотација останува да биде предизвик и за композиторите, но и за самите изведувачи.
Токму поради овие факти, и ретката можност да го чуеме овој инструмент соло на класичниот концертен подиум, вистинско уживање беше настапот на нашиот контрабасист Ѓорѓи Цинциевски со оркестарот на Македонската филхармонија. Го чувме Концертот за контрабас и оркестар од Емил Табаков, диригентот што го водеше овој концерт, инаку и контрабасист. Концертот на Табаков во три става имаше интересна звучна структура во која басот е во постојана борба за солистичка доминација со оркестарот. Во виртуозни прв и трет став, и елегичен втор став ова дело ги следи стандардите на концертната форма, иако во некои делови како да се чувствуваше потреба од послободна и поиздржана композиторска инвенција. Цинциевски беше фантастичен во изведбата на овој концерт, со мек и лирски тон во боењето на вториот став и драматичен и виртуозен изведувачки импулс во првиот и третиот став. Издржан тон, спектар од динамички нијанси беа составен дел од виртуозната и исклучително музикална изведба на Цинциевски. Воодушевена од изведбата на македонскиот контрабасист, кој живее и работи на Малта, публиката двапати го врати на бис.
На концертот прозвучи уште едно дело од Табаков, „Астрална музика“. И оваа композиција создадена во 1978 година имаше модерен концепт втемелен на истражувањето на различните тембри во оркестарот и нивно градирање и напластување. Оркестарот на Македонската филхармонија вешто го изведе ова дело, нагласувајќи ја неговата специфична звучна реторика.
Концертот на Македонската филхармонија го заокружи фантастичната изведба на најпознатото дело на Густав Холст, „Планети“, инспирирано од астрологијата. Мистицизмот и метафизиката секогаш го привлекувале овој англиски композитор, а ова дело е одличен пример за вметнување на овие интереси во неговата музика. Холст ја мразел популарноста што ја уживало ова негово дело – сметал дека тоа најмалку ја одразува неговата стилска посебност и не сакал да го поврзуваат само со оваа композиција.
Оркестарот на Македонската филхармонија, воден од прецизната рака на маестро Емил Табаков, одлично ја изведе оваа оркестарска суита што изобилува со замрсени делници и комплексни музички содржини. Мистицизмот и мелодиската специфика во обликувањето на секоја од планетите се чувствуваа и во изведбата на филхармоничарите. Фантастичната изведба беше дополнета со одличната видеоанимација на Милчо Узунов и феноменалната изведба на хорот „Про арс“, кој уште повеќе ја нагласи мистичната атмосфера во изведбата на „Нептун“, последниот став од суитата.