Издавачите се задоволни од посетата и од продажбата на книги и велат дека е „многу подобро одошто очекувале“ поради целата ситуација со пандемијата и пропишаните мерки

Викендов, но и првите денови, годинашниот Саем на книгата што првпат се одржа на отворено, во СЦ „Борис Трајковски“, кај аквапаркот, под монтажни објекти, забележа одлична посета. Поради зголемениот интерес од читателската публика, а наедно и поради почитување на протоколите за заштита од ковид-19, организаторите на Саемот на книгата заедно со Македонската асоцијација на издавачи, Здружението на издавачите и книжарите на Македонија – ЗИКМ, Здружението на албанските издавачи од Македонија и Сојузот на албански издавачи во Македонија, донесоа одлука Саемот на книгата да има продолжено работно време. Така, во саботата саемот беше отворен до 22 часот, а редиците читатели покажаа дека концептот „саем на отворено“ е добра практика што може да се реализира и во наредните години.
Издавачите се задоволни од посетата и од продажбата на книги и велат дека е „многу подобро одошто очекувале“ поради целата ситуација со пандемијата и пропишаните мерки. Тие ги понудија своите најнови изданија со големи саемски попусти.

Љубителите на книгата можеа да избираат од понудата на голем број домашни и странски автори, странска литература, стручна, научна и белетристичка литература, книги за млади и деца.
На саемот учествуваа повеќе од 40 издавачки куќи, кои ги претставија своите најнови изданија и кои ја поддржаа идејата да се организира саем на отворено, тој да се адаптира на новите услови, со почитување на протоколите за да се одржи традицијата.

И годинава различните здруженија на издавачи доделија награди за најдобрите саемски изданија. Здружението на издавачите и книжарите на Македонија – ЗИКМ додели награди во пет категории. Пред некој ден и Македонската асоцијација на издавачи, исто така, ги додели наградите за најуспешни изданија, автори, како и за најуспешни активности на издавачките куќи во периодот помеѓу двата саема. 


ЗИКМ ги награди најдобрите изданија на саемот

Здружението на издавачите и книжарите на Македонија традиционално ги додели наградите поделени во 5 категории, за изданија издадени меѓу двата саема. Одлуката ја донесе тричлена стручна комисија во состав: проф. д-р Наташа Аврамовска, претседателка, новинарката Весна Дамчевска, членка, и академскиот ликовен уметник Златко Глигоров, член.
За најдобро оригинално издание од областа на литературата, науката, културата и уметноста меѓу двата саема, првата награда ја доби „Лингвистички атлас на македонските дијалекти“ во издание на МАНУ, а втората награда во истата категорија му е доделена на писателот Александар Прокопиев за книгата „222 антиупаства за лична употреба (1978-2018)“, издание на „Авант прес“.

За најдобро ликовно-графичко обликување и дизајн на книга-едиција меѓу двата саема се наградени: „Живописот на Охридската архиепископија 11-17 век“ на Цветан Грозданов, во издание на МАНУ и „Матица македонска“ (прва награда), „Муралното сликарство во исламските сакрални градби во Македонија“ на Дита Старова-Ќерими, издание на „Логос-А“ (втора награда) и „Видено под ноќна светилка (записи на стражарот)“ на Филип Клетников, издание на „Авант прес“ (трета награда).
За најдобро илустрирана книга или сликовница меѓу двата саема, првата награда ја доби сликовницата „Како ги дресираме мама и тато“ на Владимир Петрушевски-Фили, илустрации: Наташа Костовска, издание на „Магор“. Втората награда ја зеде „Принцезата на книгите“ на Ана Стојанов, илустрации: Ева Шабанова, издание на „Едука мак“.

Првата награда „Јаков од Камена Река“ за најдобра компјутерска обработка за печат или отпечатена книга или едиција меѓу двата саема ја понесе „Анализа на формите на класичната музика“ на Вилијам Е. Чаплин, издание на „Логос-А“, а втората награда – едицијата од десет книги „Европски книжевен мозаик“, издание на „Магор“. За најдобар книжар меѓу двата саема е прогласен Хадис Чако и здружението за наука и култура „Вардар“ од Скопје.