Зошто жените објавуваат дела под машки псевдоними?
За прославата на 25-годишнината од „Женските награди за проза“, еден од спонзорите на церемонијата ја започна кампањата „Вратете ѝ го името“, која се однесува на 25 дела на жени што се објавени под машки псевдоними, а сега се претставени под нивното „вистинско“ име. Слоганот гласеше: „Конечно, на писателките им ги враќаме заслугите што им припаѓаат“.
Хаштагот „Реклејм хер нејм“ брзо предизвика големо незадоволство на интернет, многу од читателите беа згрозени од тоа како еден феминистички проект всушност ги поништува свесните одлуки на жените да користат псевдоним, кој може да се искористи за да се избегнат родовите очекувања, но исто така може да биде начин и да се зачува анонимноста. Зошто жените писатели одлучуваат да објават книга под машко име?
Н.К. Jемсин, која ги користи своите иницијали за да направи разлика помеѓу својата академска работа и прозата и тоа нема никаква врска со полот, беше замолена да ја раскаже својата приказна – бесплатно, бидејќи да не се плаќаат жените за својата работа е една од целите на феминизмот. Зад незадоволството во јавноста стои и општата заситеност од митовите дека низ историјата жените имале проблеми со објавувањето на своите дела и дека во тоа можеле да успеат само ако се криеле зад машко име. Иако има случаи во кои тоа би можело да биде и вистина, во различни периоди, во различни земји и со жени од различни раси и различно класно потекло, сексизмот апсолутно придонел за нивната мачна борба да се слушне нивниот глас.
Дури и најуспешната писателка на овој век, Ј.К. Роулинг користеше родово неутрално име за да се осигури дека книгите за Хари Потер ќе им се допаднат на читателите, а потоа го зеде псевдонимот Роберт Галбрајт за анонимно да напише крими-роман. Но дури и овој современ пример открива колку е трнливо ова прашање: изборот на Роулинг не доаѓа само поради сексизмот туку и од желбата за анонимност и создавање нов идентитет.
– Нашиот образовен систем е делумно виновен за ова: традиционалниот канон, создаден од мажи, главно се фокусира на мажите од почетокот на романот во 18 век. И вие всушност имате еден куп писатели што се неверојатно важни за подемот на романот. Со репродукција на тие наративи, дека жените не можат да ги објават своите дела доколку немаат машки псевдоним, вие целосно го бришете постоењето на сите други жени. Го продлабочувате тоа неверојатно патријархално и мизогинистичко искуство на канонот – посочува Сем Херст, која нуди бесплатни онлајн часови на темата „Романсата во готскиот роман“.
Во 18 и 19 век жените главно објавувале анонимно и под псевдоними. Но подоцна токму кога за едно дело ќе се проширел гласот дека е напишано од жена, тоа почнувало подобро да се продава, па некои од машките автори почнале да си ги присвојуваат. Според истражувањето на академик Џејмс Равен, за речиси една третина од романите објавени во 1785 година, на пример, се тврдело дека се „напишани од жена“. Ваквата анонимност понекогаш прави да е тешко да се знае кои дела биле напишани од мажи, а кои од жени, затоа што многумина свесно се одлучиле за етикетата „напишано од жена“ како гаранција за добра продажба.
Кон крајот на 18 и почетокот на 19 век, готскиот роман бил невидено популарен и во голема мера бил поврзан со женските автори. Писателките почнале да доминираат на ова подрачје, откако Ен Редклиф имала неверојатен успех со романот „Тајните на Удолф“ што доживеал неколку изданија. Таа е една од безбројните „женски писатели“ што живееле на овој начин, меѓу другите се: Мери Робинсон, Клара Рив, Шарлот Дакре, Елиза Парсонс, Шарлот Смит и, се разбира, Мери Шели.
– Тука, секако, постои сексизам: романот, без разлика дали е напишан од маж или жена, често се сметал за несериозен – а готскиот роман бил особено непочитуван затоа што бил неумерен и служел како забава за читателките.
Таа поврзаност на жанрот со жените во исто време го произведе тоа непочитување и беше производ на тоа непочитување. Една од причините зошто толку многу зборуваме за мажите како централни во историјата на романот е тоа што целосно ги игнорираме готските романи – тврди Херст.
Од 1970-тите години, академиците и издавачите вложиле огромен напор да го откријат идентитетот на писателките, од Елиза Хејвуд преку Френсис Барни до Маргарет Олифант. Сепак, Херст признава дека на крајот на 19 век имало писателки што сакале да се дистанцираат од своите популистички романи преку усвојување машки псевдоними.
Џорџ Елиот е едно од имињата по кое многумина веднаш би посегнале како доказ дека жената била „принудена“ да објавува како маж за да биде сфатена сериозно. Но на почетокот, сугерира нејзината биографка Розмари Боденхајмер, Елиот сакала да остане анонимна поради необичниот статус на нејзината љубовна врска. Елиот избегала во Германија во 1854 година со Џорџ Хенри Луис, кој бил оженет со друга жена. Елиот избрала псевдоним затоа што сакала нејзината работа да се вреднува без влијанието на овој секс-скандал.
Многу авторки се против кампањата „Вратете ѝ го името“ и од други причини: машкиот псевдоним може да биде тесно поврзан со нивниот квир-идентитет и некои од нив сметаат дека родово неутралното име е попривлечно во таа смисла.
Писателките можеби имале голем број и фантастично разновидни причини за објавување под машки псевдоним низ историјата, но денес за читателската публика кога една книга е напишана од жена, како во времето на готските романи, таа станува попримамлива за читање.