Во предвечерието на големиот празник Свети Трифун, утре со почеток во 19.30 часот е закажана премиерата на комедијата „Не се клади на Енглези“ на театарот при домот на
културата „Иван мазов Климе“, работена на текст на Владимир Ѓурѓевиќ а во адаптација и режија на Диме Коцевски.
Театарскиот роект е подржан од Советот на општина Кавадарци. Како и во сите досегашни културни настани што се одржуваа во домот на културата ќе се применуваат сите мерки за време на пандемија што значи бројноста на публиката ќе биде намалена на 30 отсто, седиштата се одбележани и на растојание, а носењето на маски задолжително.
– После скоро една година кавадаречкиот театар се враќа на сцената со премиера на целовечерен театарски проект, комедијата „Не се клади на Енглези“. Станува збор за современ текст на Владимир Ѓурѓевиќ, актуелен за оца време каде обложувалниците се секојдневие на 90 отсто од возрасните мажи, а се почесто и кај женскиот дел од популацијата, не само кај нас , туку воопшто на Балканот. Во самиот текст содржани се сите неволји со кои човек може да се сретне кога поголемиот дел од својот живот ќе го одреди на овој опасен порок наречен обложување, или кладење според текстот. Цела оваа појава ќе доведе и до тоа како навидум еден обичен ден на тројца вљубеници во кладењето, животот може да стане пекол – вели режисерот Диме Коцевски.
Добро познатата актерска екипа во состав на Диме Боцев, Видан Станоев и Диме Коцевски, актери кои на сцената на кавадаречкиот театар соработувале на бројни проекти повеќе од 20 години претставува дополнителна нишка на сигурност на самата претстава, ни потврдува Коцевски. Оваа премиера е само почеток во реализацијата на повеќе театарски проекти за годинава, за што се залагаат директорката на домот на културата Јулијана Туриманџова и вработените. Дека на кавадаречката публика и недостасуваше театарот, потврдува податокот дека првите репризни изданија на претставата на 16-ти и 18 февруари се веќе распродадени. Ми.М.