Таман кога љубителите на уметноста нестрпливо чекаа да видат дали делото навистина ќе ја достигне огромната сума на аукцијата (100 до 150 милиони евра) – со што би станало најскапото платено уметничко дело на почвата на Европа – сликата „Јудита и Холоферно“ е купена во тајност. Од аукциската куќа „Друо“ изјавија дека купувачот е странец и дека е поврзан со еден познат музеј
И додека стручната јавност и натаму се обидува да ѝ влезе во трагата на сликата „Спасителот на светот“ на Леонардо да Винчи, уште едно ремек-дело е пренесено на тајна локација, само два дена пред закажаната аукција. Сликата „Јудита и Холоферно“, која кон крајот на јуни требаше да биде ѕвезда на аукција во Тулуз, Франција, како новооткриено дело на барокниот мајстор Караваџо, ненадејно ја купила непозната личност два дена пред јавното наддавање.
Иако некои италијански стручњаци изразија сомнеж во автентичноста, францускиот аукционер и експерт за стари мајстори, Ерик Туркен, го стави целиот свој углед на коцка со тврдењето дека станува збор за дело на Микеланџело Меризи да Караваџо (1571-1610) насликано околу 1606 г. и со процена на нејзината вредност од 100 до 150 милиони евра.
И таман кога љубителите на уметноста нестрпливо чекаа дали делото навистина ќе ја достигне оваа сума на аукцијата – со што би станало најскапото платено уметничко дело на почвата на Европа – сликата „Јудита и Холоферно“ е купена во тајност. Од аукциската куќа „Друо“ изјавија дека купувачот е странец и дека е поврзан со еден познат музеј.
– Фактот дека понудата стигна од колекционер близок на еден голем музеј го убеди продавачот да ја прифати. Наскоро ќе биде изложена во еден значаен музеј каде што конечно ќе излезе на светлината на денот за сите што сакаат да ја видат – изјави Марк Лабарб од „Друо“, додавајќи дека не може да се откријат ни името на купувачот ни платената сума, но потврди дека сликата ќе ја напушти француската почва.
Лабарб лично ја пронашол сликата во 2014 година, кога едно семејство од Тулуз го замолило да процени „некоја старудија“ на таванот. Платното било скриено зад стар душек. Две години Лабарб ја чувал сликата во својата спална соба одбивајќи да го сподели пронајдокот со јавноста, а потоа му ја испратил на Ерик Туркен во Париз. По три месеци детално чистење и скенирање, Туркен го прогласи делото за оригинален Караваџо.
– Не само што сликата настанала од раката на Караваџо, туку од сите негови познати дела ова е едно од најдобрите и најдобро зачуваните – напомена Туркен.
Иако стручњаците се едногласни за врвната состојба на делото, помал број од нив – главно Италијанци – изразуваат сомнеж во неговата автентичност. Тие веруваат дека станува збор за копија што ја направил фламанскиот уметник Луј Финсон (1575/1580-1617), кој едно време работел заедно со Караваџо во Неапол. Финсон насликал своја верзија на „Јудита“, која сега се наоѓа во Неапол и долго е сметана за копија на изгубената Караваџова верзија.
Навистина оваа претстава од Тулуз по композиција е послична на Финсоновата отколку претходната, поконзервативна верзија на „Јудита“ што Караваџо ја насликал околу 1600 година, денес изложена во Рим.
Онаа постарата се фокусира на првиот удар на сечилото и изненадениот израз на Холоферновото лице. Оваа помладата, баш како и Финсоновата, вниманието го насочува на Јудита, која се подготвува за последниот потег за отсекување на главата. Оваа сличност не го поколеба Туркен, тој остана на тврдењето дека сликата од Тулуз е оригиналот на Караваџо од 1606-1607 година.
– Процесот на чистење и скенирање покажа дека сликата многу пати е менувана, композицијата е преправана и доработувана, што докажува дека станува збор за оригинал. Оние што прават копии не прават толкави промени, тие само копираат – тврди Туркен.
Помеѓу ноември 2016 и февруари 2017 година во „Пинакотека ди Брера“ во Милано беше организирана изложбата „Прашање на атрибуција“ каде што Финсоновата и „Јудита“ од Тулуз беа изложени една до друга. На крајот беше организирана дебата меѓу стручњаците. Во извештајот од состанокот, Кит Кристијансен, шеф на Одделението за европска уметност при музејот „Метрополитен“ во Њујорк, напиша дека и покрај некои негодувања, мнозинството во групата е уверено дека сликата од Тулуз е дело на Караваџо, со моќни финални потези додадени од друга рака.
Ерик Туркен, пак, тврди дека ниеден научник не доставил конкретен контрааргумент, и дека италијанските колеги не сакаат да ги менуваат веќе утврдените текови на историјата на уметноста. За Французинот оваа слика е доказ за пресвртна точка во развојот на Караваџовата уметност. Страсно оригиналниот сликар имал многу бурен живот. Во време кога „Јудита и Холоферно“ од Тулуз исчезнала, бил во бегство, осуден на смрт поради убиство на човек во улична кавга во Рим. Побегнал од Рим во Неапол, каде што според Туркен, и настанала оваа „Јудита“.
– Сликал побрзо, поспонтано и убиствено – изјави Туркен, додавајќи дека сликата го одразува Караваџовиот мрачен поглед на животот.
Тој верува дека сликата ја оставил во Неапол пред да мора да избега подалеку, на Малта.
Семејството на чиј таван е најдена сликата мисли дека ја купил еден од нивните предци, член на Наполеоновата војска.
„Јудита и Холоферно“ претставува илустрација на старозаветна сцена што често е прикажувана низ историја на уметноста. Јудита била убава еврејска вдовица што го завела асирскиот генерал Холоферно, потоа го напила и го заклала за да го спаси својот народ од суровата власт на овој војсководец.