Кореографката и професорка Искра Шукарова реализира нова соработка во Москва, во рамките на културниот центар ЗИЛ. Таму е поканета да ја презентира програмата на катедрата за балетска педагогија при ФМУ-УКИМ, која постои од 2010 година и каде што таа е ангажирана како вонредна професорка за предметите за современа танцова педагогија. Центарот ЗИЛ во Москва курира современи танцови програми и е еден од главните двигатели на современата танцова сцена во Москва и воопшто во Русија.
Шукарова за време на престојот ќе реализира средби со професионалци во полето на современата танцова сцена во Москва и наедно ќе проследи нови танцови продукции во центарот ЗИЛ, како и во „Мејерхолд центар“.
Престојот во Москва е поддржан од Министерството за култура и е особено важен за воспоставување нови релации со уметници и едукатори од современата танцова сцена во Москва. Целта на престојот на Шукарова е да се поканат руски предавачи и уметници како дел од програмата на проектот „Номад ту номад“, кој Шукарова го почна во 2018-та, во соработка со ФМУ, во чии рамки како предавачи гостуваат видни имиња од странство.
Шукарова пред еден месец беше поканета на уметничка резиденција во Њујорк и Западен Масачусетс, каде што реализира нова авторска продукција, која ќе биде прикажана на нашата сцена.