Во Националната галерија, објект „Мала станица“, е отворена изложбата „Интеграција на идентитети“ од 21 автор од Македонија и од Бугарија. Претходно оваа изложба, која е иницирана од ликовната група уметници „Конекција“ и е продуцирана од КИЦ во Софија, беше претставена пред културната публика во Пловдив и во Софија.
Заедничката изложба на седум уметници иницијатори на проектот „Поврзување“, кој во случајов е надграден под насловот „Интеграција на идентитети“, седум уметници од Бугарија и седум уметници од Македонија (Шќипе Мехмети, Роберт Јанкулоски, Ацо Станкоски, Беди Ибрахим, Исмет Рамиќевиќ, Атанас Ботев и Колектив Зеро – повеќето од овие уметници се значајни за промените на мислата и концептот во современата македонска уметност) за своја основна предлошка ги има комуникацијата, пријателството, разбирањето и пред сѐ љубовта кон уметноста. Оваа изложба носи во себе редица различности, но и сродности во авторовата мисла, во опстојување на феноменот на ликовното, без разлика од каде потекнуваат или каде го образувале своето творештво. Горанчо Ѓорѓиевски, во својот текст кон изложбата, ја изразува и тезата дека уметниците што не познаваат граници секогаш наоѓале начини и одржувале контакт со блиските уметници на себе.
Претставени се делата и на уметниците што се вреднувани како едни од најкреативните во современата бугарска уметност: Генади Гатев, Десислава Христова, Иван Ќуранов, Лилјана Караџова, Росен Тошев, двојката Нина/Вале, како и Свилен Стефанов, кој е еден од кураторите на изложбата и автор на еден од текстовите во каталогот.