Ние уметниците треба да бидеме пионери во насока на подобро запознавање едни со други. Сакам да ја доведам кај вас нашата убавина и да се соочам со вашата, вели Фоивос Деливоријас
Во рамките на актуелниот Фестивал на современ грчки филм и култура, еден од најпознатите грчки музички бендови во последните години ќе одржи концерт. Станува збор за групата на Фоивос Деливоријас, која ќе настапи утревечер во клуб-ресторанот МКЦ во Скопје. Тие имаат специјален репертоар за оваа пригода и ќе свират филмска музика од познати грчки филмови.
Првпат доаѓате во Скопје. Како ја доживувате посетата на нашата земја?
– Со нетрпение го очекувам настапот. По сите тие години на политички превирања, имаме шанса да се запознаеме како луѓе, како културни ентитети. Знам дека некои политичари – од мојата земја и од вашата земја, исто така, се потпираат на нашите разлики, поради нашите причини да се конфронтираме. Јас, како и сите уметници, барам комуникација помеѓу многу различен вид луѓе. Ми се допаѓаат конфронтациите, но на еден сосема друг начин: сакам да ја доведам кај вас нашата убавина и да се соочам со вашата. Сакам да научам, да бидам под ваше влијание, додека сум јас. Тоа е мојот политички став, ако воопшто имам став.
Каков репертоар ќе ѝ презентирате на публиката?
– Избрав 15 песни и инструменти што на човек што не знае за грчката кинематографија некако му ги покажува нејзината историја, нејзините опсесии, нејзиниот шарм. Песни од Хаџидакис и од Теодоракис, од стари грчки популарни мјузикли, или песни од филмовите на Ангелопулос и на Лантимос.
Кои се музичарите со кои ќе настапувате? Дали се знаете одамна, како се оствари соработката помеѓу вас?
– Антонис Сусамоглу е врвен грчки виолинист. Тој е прва виолина во Државниот оркестар на Солун и карактеристичен аранжер и композитор. Соработувавме и во симфониски концерти и во саундтракот. Џорџ Кацанос е познат мултиинструменталист во Грција, фигура слична на Том Вејтс. Тој е човек бенд. Често ја делиме сцената, се нарекуваме себеси „Големиот бенд“! Нефели Фасули е инспиративен млад пејач, одличен уметнички партнер со кој соработуваме извесно време.
Со својата изведба ќе придонесете за повисок квалитет на Фестивалот на современиот грчки филм и култура. Како се чувствувате што сте дел од овој настан, прв од ваков вид институционално поддржан од вашата земја?
– Многу сум трогнат. Мислам дека ние уметниците треба да бидеме пионери во насока на подобро запознавање едни со други. Со нетрпение очекувам да ги запознаам и кинематографијата и музиката на Северна Македонија.