Трајче Кацаров, писател
Со промоцијата на стихозбирката „Три бои на љубовта“, која се одржа вчера, пред платото на домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, писателот Трајче Кацаров одбележа 35 години творештво. На средбата со своите читатели читаше свои песни и, навраќајќи се во минатото, раскажа како и зошто почнал да пишува. Во изминатите три и пол децении, Кацаров напиша дела во повеќе жанрови, преведувани на повеќе јазици, за кои доби голем број награди и признанија.
Зошто токму со реиздавањето на книгата „Три бои на љубовта“ го заокружувате овој плоден креативен период?
– Зашто сакам да се претставам како поет. Академик Милан Ѓурчинов постојано велеше: „Оној што не напишал љубовна поезија, не знам дали можеме да го квалификуваме како поет.“ Иако на 14 години напишав два драмски текста и го напишав третиот чин на претставата што како гимназиска театарска трупа ја игравме во Народниот театар, сепак за почеток на моја книжевна „вратоломија“ ја одредувам 1986 година, кога ја објавив првата збирка песни „Во подмишките на будилникот“.
Вашиот опус е обемен (колумни, поезија, проза, драми, книги за деца), па дали тоа ве прави витален како автор?
– Полиграф. Сите мои омилени писатели се полиграфи. Но не сум полиграф поради тоа. Како таков најмногу се наоѓам себеси.
Што би си кажеле себеси денес, по 35 години книжевно творештво?
– Зошто не го послуша татко ти и да си бидеш поштенски службеник? Тој до смртта не ја призна мојата професија како сериозна.
Колку Штип е далеку или, пак, блиску до епицентарот на креативноста?
– Во стихозбирката што ја објавив во 1986 година, „Во подмишките на будилникот“, има една песна што во втората строфа ги содржи стиховите: „Клучот во бравата/ нема ништо против/ летот на мислата!“ Никој од нас не живее надвор од главата. Пастернак ја одбил Нобеловата награда, не оти живеел во СССР, туку оти живеел во сопствената глава. Исто е и со Сартр, и со Петар Хандке, кој, пак, ја прими.
Вашиот опус беше дочекан со пофалби и комплименти од критичарите и писателите…
– Многу сум задоволен и постојано се фалам дека сите критики сум ги добил од познавачи на литературата со кои не сум се познавал. Една сабота, бидејќи сум голем почитувач на весникот „Политика“, разлистувам лист по лист и во културната рубрика читам како академик Ѓурчинов пишува за мојата втора книга поезија, „Го следите ли Хорхе“. Истото тоа ми се случи и со проф. Друговац, па, со академик Урошевиќ, Клетников, за кого би рекол дека е најголемиот литературен критичар. Располага со огромна ерудиција што знае да ја скроти и да ја примени во секој негов книжевен осврт. Така беше и со Прокопиев, Христо Петрески, Бети Шелева и со многу други. Јас доаѓав од Штип и речиси никој од нив не ме познаваше надвор од моите песни и раскази.
Наградите не ве одминуваат, колку и да се одрекува, тие му годат на секој автор, така е?
– Никогаш не сум пишувал за награди. Кој не сака да биде наградувано неговото дело, тој не е искрен. Најдраги ми се оние што доаѓаат од читателите. Никогаш нема да ги заборавам оние што ќе ми пријдат и ќе ми кажат дека прочитале моја песна, книга, колумна. Оние што имаат побарано да им дозволам да искористат некој мој стих како мото на нивна песна и сл. Поетесата од Бугарија што побара дозвола да отпечати избор од моите песни на бугарски ми рече дека сум нивен семеен поет. Еднаш режисерот Бранко Ставрев ми рече: „Твојата песна ’Потпора‘ му ја испратив на мојот син во Латинска Америка. Многу ми се допадна, немав друго, освен да ја испратам да ја прочита во туѓина.“ Нема да го заборавам ниту човекот што ми пријде на една книжевна средба и ми рече: „Никогаш нема да го заборавам есејот ’Гласот на болеста‘“. Или жената што во една книжарница ми пријде и ме праша: „Дали она што го пишувате во романот ’Како станав Амадеус‘ е вистина? Многу ми се допадна романот и постојано кога ќе ми се укаже можност за тоа, говорам за него“. Ете, тоа се наградите што не ме оставаат мирен и понекогаш склон да го направам најголемиот грев, да се возгордеам.
Како би го оцениле македонското творештво денес, дали му парираме на она што се случува во опкружувањето и пошироко?
– Татко му на Орхан Памук бил многу разочаран, зашто сметал дека турската литература е далеку зад европската. Очаен си умрел. Со добивањето на Нобеловата награда за литература, Памук создава слика што се коси со онаа на татко му. Денешната ситуација на книжевната сцена кај нас е повеќе од поразителна. Колку повеќе ги читам младите автори, толку повеќе мислам дека непобитните вредности остануваат засекогаш во втората, третата, па и четвртата генерација македонски писатели.
Се чини дека сакате да бидете и во литературата за деца и сте различен од другите?
– Токму тоа. Различноста сакам да ме одржи. Немам ништо против писателите пред мене. Пред многу нивни дела ја симнувам капата, ама сакам да сум различен, во темите сигурно не, ама во стилот, во певот. Многу го почитувам Киро Донев, ама сакам да сум различен и од него.
Вашите дела излегоа од локалните граници, што е показател дека уметноста ги брише границите и допира до сите…
– Јас сум Трајче, нешто како дрварчето Трајче на Николески. Мало ми е името, затоа треба да се користам со други мерки за да го свртам вниманието на оние што газат по светската литература со брендирани чизми.
Сѐ почесто вашите илустрации ги красат вашите книги, колку ве исполнува тоа?
– Татко ми ќе се согласеше ако се запишев на ликовна академија. Постојано ми велеше: „Ти си роден за графика, боите не ти се многу наклонети.“ Затоа во реалниот свет слабо се служам со бои, односно слабо фарбам.