Неодамна во САД се одржаа неколку посебни концерти. Тие се дел од светска турнеја на уникатни инструменти на кои последен пат било свирено пред и за време на холокаустот во Европа. Турнејата, именувана „Виолини на надежта“, последните неколку години патува низ светот со две специјални цели: да се свири на овие инструменти во чест на нивните претходни сопственици и да ја одржат во живот музиката што ја свиреле, а една од нив е клезмер, фолк-музиката на источноевропската еврејска заедница.
Еден од луѓето зад овој проект е Амнон Вајнстејн, мајстор за жичени инструменти, кој најголемиот дел од својот живот го посветил на реставрација на виолини што им припаѓале на жртви на нацизмот. Нешто што ги поврзува поголемиот број на виолините од тоа време се потписите и пораките од нивната внатрешна страна. Најчесто тоа се пораки поврзани со брак, датум на раѓање на дете, годишнина или некој среќен повод. Неколку, потпишани во 1930-тите, забележуваат застрашувачки предупредувања за она што се случувало во Европа во тој период. Колега на Вајнстејн пронашол виолина на која пишува „1933 Хитлер дојде на власт“. Вајнстејн поседува колекција од над 45 виолини од тоа време, а во 2012 г. тој пронашол уште една. Овој пат, пораката во виолината го зачудила, а наедно и заплашила. Пораката гласела „Хајл, Хитлер“, со длабоко врежана свастика. Вајнстејн ја добил виолината од американски произведувач на виолини, кој, пак, ја купил од православен еврејски продавач на виолини. Тој му рекол на Вајнстејн дека доколку не ја купи виолината, планира да ја запали. Свирел на неа со години пред да ги обележи натписот и свастиката. Тогаш решил да се ослободи од неа. Вајнстејн ја купил виолината.
Кога ја отворил, јасно го видел натписот. Но она што му го задржало вниманието, покрај самата порака, била силата што очигледно била употребена за да се испише натписот на инструментот. Вајнстејн ангажирал графолог за да го анализира, а заклучокот бил дека личноста што го испишала била многу агресивна. Вајнстејн признава дека можеби никогаш нема да дознае кој е оригиналниот сопственик на виолината, но сепак успеал да состави неколку коцки од приказната. Во 1936 г., три години откако бил воспоставен режимот на Хитлер и со сиот притисок извршен врз германските Евреи, сопственикот на виолината отишол да ја поправи својата виолина. Голем број, ако не и сите мајстори за жичени инструменти, не го поддржувале Хитлер. Неговото негирање на дела на голем број уметници, од кои голем дел биле Евреи, иритирало значаен дел од музичкиот свет, меѓу кои биле и мајсторите за жичени инструменти. Во тоа време во Европа често припадници на семејства од средната и високата класа ги учеле своите деца да свират виолина и пијано. Ова било особено вистина за еврејската заедница во Германија. Мајсторите го одржувале својот бизнис благодарение на еврејските муштерии. Тогаш, како завршила таа порака во виолината? Сопственикот на виолината никогаш не би го сторил тоа, верува Вајнстејн. Тој најверојатно му бил познаник на мајсторот, можеби и редовен муштерија. Вајнстејн верува дека станува збор за млад помошник, кој бил заробен во целата таа омраза околу него, ја изгравирал пораката и го препродал капакот додека неговиот работодавец не дознал. Пораката не може да се види однадвор, тоа е несолена шега: еврејскиот музичар свири на инструмент што носи порака посветена на Хитлер.
Иако Вајнстејн е вовлечен во холокаустот на дневна база, тој има и добри приказни покрај лошите. Пред неколку години тој добил скршена виолина што била фрлена од воз што возел од кампот „Дранси“ во Франција за „Аушвиц“. Скршената виолина била предавана, заедно со пораката во неа, од колено на колено, додека не дошла во рацете на Вајнстејн за да биде поправена. Во 2013 година оваа виолина, заедно со други инструменти од тој период, свирела на распродадената светска турнеја, враќајќи во живот барем еден аспект од наследството на нејзиниот сопственик.