„Седумте архангели“ е тематската изложба на икони од битолскиот уметник Стефан Малбашиќ, што ќе биде отворена вечерва во 19.30 часот во изложбениот салон на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Според Владо Ѓорески, Малбашиќ за првпат во современиот македонски иконопис ја обработува темата на Седумте свети архангели, тема која е мошне специфична не само за овој простор, туку воопшто во православниот иконографски универзум, и не само денес, туку во севкупната негова историја на божествените иконографски изобразби.
-Неговата посветеност, не само што е специфична по зафатот, обработката и прецизноста како во ликовноста така и во теолошката смисла, туку носи и одредена првична храбра одлука, ангелската хиерархија да биде претставена во своевидна духовна монументалност. Севкупниот тематски зафат, изразен во релативно голем формат, педантно, творечки инспиративно, впечатливо и артистички убедливо, Малбашиќ го гради потпирајќи се најпозитивно врз вистинските извори – фрескоживописот од црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново како и фрескоживописот од црквата „Св. Врачи“ во Костур. Со тоа, ја продолжува вистинската традиција, истражувајќи некои траги кои се суштествени во разоткривањето на светот на архангелите и ангелите, суштествата кои на некој начин сè уште успеваат да ја одржат моралната, чувствената, етичката и духовната смисла во човековото опстојување – особено денес – посочува Ѓорески.
Ка.М.