„Незаборав“ е тематската изложба од Емил Димоски, што ќе биде отворена вечерва од 20.30 часот во галеријата „Борко Лазески“ во ЦК „Марко Цепенков“ Прилеп. Димоски пред нашите сограѓани ќе се претстави со слики и минијатурни куќи. Пред посетителите се дела кои не дозволуваат старата архитектура да замине во заборав.
Димоски најпрво публиката ја освои со макетите, кои започнал да ги работи уште од основно образование посочува новинарот Каролина Мицевска.
– Прво со кибритчиња, а потоа со камчиња. Како поминувало времето така творецот се надоградуваше и изработуваше веродостојно оргинални макети на старите куќи. Сега се насочи кон друг вид на творби, но повторно дел од традицијата. На картон лепи дрвца, камчиња и други материјали и создава слики преку кои го пренесува богатството од убава архитектура, манастири, стари куќи… – вели Мицевска.
Според Јулија Ѓурчиноска, професор по македонски-германски јазик, секое дело од Димоски вклучува некаква тајна, мистериозна инспирација, скриена порака, која успешно се проткајува низ камчињата и ливчињата на бескрајот.
– Во безбројните и бесконечните разговори за неговото творештво побарав објаснување за петте димензии. Додека со жар во очите објаснуваше за секоја димензија од секое дело посебно, ми стана појасно од било кога – делата на Емчо немаат димензија, немаат временска рамка, немаат пазарна врдност бидеќи се полни со љубов, трпение, спокој, мир љубопитност, добрина и страсти, бидејќи неговите дела ја пресликуваат неговата бесценета душа – вели Ѓурчиноска.
Ка.М.