Инсталацијата „Тивка деструкција“ на Моника Мотеска ќе биде изложена вечерва во Мобилната галерија во паркот на франкофонијата, со почеток во 20 часот.
– Инсталацијата ја сочинуваат цртежи и видео-проекција врз мермерна плоча. Цртежите на цвеќе (рајска птица / Strelitzia Reginae) се метафора на животот. Од една страна цвеќето коешто има форма на птица, егзотична, сензуална, мистична, убава, а од друга страна видео-проекција на подводен живот. Рај наспроти нешто што се случува под површината на земјата – подземен живот. Свет којшто со еден удар би се срушил и би се претворил во прашина. Како контрапункт на цвеќето тој е другиот свет што се случува независно од нас. Една убавина наспроти друга. Еден поинаков поглед на убавината и опасноста што не демне секогаш без ние и малку да сме свесни. Иако банални и тривијални, цвеќето, водата и каменот транспонирани во друга димензија добиваат поинакво значење. Цветот како сексуално и телесно задоволство, уживање во земската убавина и минливост на истата. Водата во која се случува живот, но и непогоди, внатре земјата се тресе, се бранува, тој свет за нас сеуште е мистичен и непознат – објаснува организаторот.
Моника Мотеска е родена во Прилеп, 1971 година. Дипломирала на Факултетот за ликовна уметност – сликарски оддел во Скопје, 1996.
Се занимава со сликарство, фотографија, видео и инсталација. Работела на дизајнирање на изложби и промотивни материјали од областа на старата фотографија.