По повод големиот јубилеј 50 години творештво синоќа во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци беше отворена изложба, со видеопроекција и промоција на публикација на Мице Јанкуловски. Уметничкиот опус на Јанкуловски припаѓа на различни области на уметноста, вклучува слики на платно, сатирични слики на стакло, цртежи, карикатури и анимации, палиндроми… Во неговата богата биографија евидентирани се повеќе од педесет самостојни изложби во Македонија и во светот, како и забележителни  претставувања на меѓународни манифестации во Санкт Петерсбург, Солун, Торино, Фиренца, Венеција, Ларнака, Варна…

На отворањето на изложбата во Кавадарци свое обраќање имаше директорката на домот на културата Јулијана Туриманџова и Корнелија Конеска колешка на Јанкуловски и добар познавач на неговата уметност.

– Мице Јанкуловски е уметник со специфична појава, препознатлив пристап, фасцинантни истражувања и оригинални резултати. Неговата уметност зрачи со хармонија, убавина, мир и сочуство. Таа е резултат на долгогодишното креативно истражување на уметникот. Забележително воздржани, далечни и тивки, делата носат длабок филозофски контекст, праќајќи визуелни пораки кон вечноста. Слободата виртуозноста, како и целосното спојување на идејата, концептот, и резултатот, обично ги карактеризираат сликите на Јанкуловски. Тој е уметник кој ја вреднува со исклучително значење естетиката на визуелната перфекција на делото. Со доследна продукција и постојано потврдување на неговата уметничка појава, тој го потврдува своето место во светот на современата уметност. Неговите дела од кои дел можевме да видиме вечерва во Кавадарци, го дефинираат и го промовираат како воспоставен уметник со суптилна чуствителност, со своја автономна креативна територија што ја воведува публиката во простори, светови и димензии исполнети со уникатна уметничка
аура – рече на отварањето на изложбата директката на домот на културата Јулијана
Туриманџова.

За неговата работа Мице Јанкуловски е наградуван со многу престижни награди меѓу
кои: наградата „Рембрант“ за извонредност во уметноста минатата година на Светската
асоцијација за визуелни уметности- САБУ, наградата „Ел Греко“ за најдобар уметник на Арт- Тесалоники 2019 во Грција , наградата Лоренцо Ил Мањифико“ за животно остварување на Биеналето во Фиренца 2019 година во Италија, наградата „Уметник на светот“ на Ларнака биеналето во 2018 во Кипар, Гран при на 19-то Меѓународно графичко биенале во Варна 2017 година во Бугарија, Гран при на Светската галерија на карикатури во Скопје и наградата на град Скопје „13 Ноември“ Тој е еден од основачите на „Остен“ активен член на Друштвото на ликовните уметници, на Здружението на карикатуристи на Македонија и актуелен претседател. Ми.М.