Фотографија на Маја Јаневска-Илиева е дел од изложбата

Фокусот е ставен на плановите на грчкиот архитект Константинос Доксијадис, кој во својата биографија ги има и плановите за Исламабад, Багдад, Дака и е директно вклучен во дизајнирањето на генералниот урбанистички план на Скопје по барање на Обединетите нации по земјотресот

Изложбата „Иднината како проект/Доксијадис во Скопје“, која пред грчката публика првпат ја претставува темата на постземјотресната обнова на Скопје и улогата на грчкиот архитект Константинос А. Доксијадис во неа, ќе биде отворена в понеделник, во 20 часот, во музејот „Бенаки“ во Атина.
– Изложбата е структурирана во неколку теми: започнува со приказната за земјотресот од 1963 година и одѕивот за него во грчките гласила, прикажува сегмент од работата на Доксијадис за Скопје (прегледот на оштетените зони, стратегискиот план за градот итн.), се осврнува на планот за централното градско подрачје на Кензо Танге. Најобемниот сегмент на изложбената поставка го зафаќа темата на архитектурата на постземјотресната обнова на Скопје. Преку архитектонски модели и факсимили од оригиналната проектна документација, прикажан е дел од мноштвото значајни архитектонски реализации што го дефинираат ликот на Скопје по земјотресот. Последниот сегмент говори за состојбата во која дел од овие реализации опстојуваат во современо Скопје – велат организаторите на поставката.

Во рамките на настанот, на денот на отворањето на изложбата (15-19.30 часот) во музејот „Бенаки“ ќе се одржи и еднодневна меѓународна конференција, а наредниот ден, од 18 часот, ќе се одржи тркалезна маса, на која ќе се презентира публикацијата.
Конференцијата ќе ја отвори Елиас Константинопулос, претседател на Хеленскиот институт за архитектура, а вовед ќе има Калиопи Амигдалу од Хеленска фондација за европска и надворешна политика. Тема е „Обновата на Скопје“. За протагонистите на обновата на Скопје ќе зборува Инес Толиќ од Универзитетот во Болоња, за планирањето на нестабилен терен и соработниците на Доксијадис, за обновата на Скопје излагање ќе има Костас Циамбаос од Државниот технички универзитет на Атина, а Влатко П. Коробар од универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје ќе зборува на тема „Градот што можеше да биде“.

Втората сесија „Во потрага по нова архитектонска иднина“ ќе отвори повеќе прашања за архитектонскиот модернизам во социјалистичка Југославија (Мароје Мрдуљаш од Универзитетот на Загреб), за архитектурата на постземјотресната обнова на Скопје (Ана Ивановска-Дескова и Јован Ивановски од „Свети Кирил и Методиј“, и Владимир Десков „Американ колеџ Скопје“). На тема „Белиот лебед: Основање на Музејот на современата уметност во Скопје“ излагање ќе има Зоран Петровски од МСУ.

Изложбата и придружните манифестации се организирани од Хеленскиот институт за архитектура, Музејот на градот Скопје и музејот „Бенаки“. Коорганизатори се „Атина 2018 – Светска метропола на книгата“ – градот Атина (главен донатор е фондацијата „Ставрос Нијархос“) и градот Скопје. Во кураторскиот тим се: Калиопи Амигдалу, Ана Ивановска Дескова, Јован Ивановски, Владимир Десков, Костас Циамбаос. Помошник куратор е Христос Критикос. Изложбата ќе може да се погледне до 17 февруари 2019 година. 


Кој е Константинос Доксиjадис?

Зборувајќи за земјотресот и за реизградбата на Скопје, повеќемина во својата меморија го имаат врежано името на јапонскиот архитект Кензо Танге. Човекот што поретко се споменува а има еднакво важна улога како Танге за планирањето на основниот урбанистички план на Скопје по земјотресот е грчкиот архитект и специјалист за урбано планирање Константинос Доксиjадис.
Доксијадис, еден од најзначајните светски архитекти, во својата биографија ги има и плановите за Исламабад, Багдад, Дака и е директно вклучен во дизајнирањето на генералниот урбанистички план на Скопје, по барање на Обединетите нации по земјотресот. Тој и неговите соработници по катастрофата во 1963 година биле повикани од специјалната група на ОН за дизајнирање на урбаниот план на градот, за изработка на студија за станбените простори, инфраструктурата, сообраќајниот и транспортниот план.