Во Музеј-галеријата во Кавадарци утре во 12 часот ќе биде отворена изложба под наслов „Културното наследство во Кавадаречко“ која е дел од манифестацијата Европски денови на културното наследство која во Македонија се одржува во периодот од 1 до 7 октомври. Темата на овогодинешното одбележување е „Културното наследство и училиштата“ и е во согласност со заедничкото мото- „Едукација и културно наследство“, под кое што евроските земји годинава се обидуваат да го привлечат вниманието на граѓаните на Европа, а особено на помладите генерации.

Музејот-галерија Кавадарци и оваа година ќе се вклучи во одбележувањето на меѓународната манифестација со изложба насловена како „Културно наследство во
Кавадаречко. На изложбата е презентиран дел од движното и недвижно културно наследство, археолошки локалитети, материјални остатоци, манастири и цркви.

Тиквешијата, а особено кавадаречката област, спаѓа во редот на региони со голем број на археолошки локалитети кои изобилуваат со богати материјални остатоци кои се свидетели на активностите на населението од овие простори во најраните епохи на цивилизацијата. Црквите и манастирите освен што биле духовно упориште се и сведоци на ширењето на христијанството, кое во овој крај има долга и богата традиција, а воедно претставувале и центри за ширење на писменоста и образованието на луѓето од Тиквешијата и пошироко. Автори на изложбата се Весна Ѓоргиева и Трајче Цветков.
Ми.М.