Вечерва, во 20 часот, во Музејот на градот Скопје ќе биде отворена изложбата „Од братство и единство ’63 до Скопје ’63“, подготвена по повод 55 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје, кој се случил на 26 јули 1963 година.
Изложбата ќе биде поставена во Музејот на градот Скопје и надвор од зградата, на отворениот простор под источната фасада, во автентичен амбиент во урнатини на старата железничка станица. На отворениот простор ќе биде изведен амбиент на бригадирска населба со шатори, клупи, огниште, знамиња, алат и сл.
Автор на изложбата е Зоја Богдановска, кустос-советничка историчарка.
Темата е сконцентрирана на настаните од историјата на Скопје што се случиле веднаш по земјотресот. Првите денови по катастрофата, на 27 јули 1963 година, во градот пристигнале младинците – членови на скопските студентски младински работни бригади, кои во летото 1963-та, биле на градилиштата ширум Југославија и учествувале во изградбата на автопатот Братство-единство. Овие младинци веднаш биле вклучени во спасувањето на граѓаните што биле заробени под урнатините, местеле шатори за скопјаните што останале без своите домови, учествувале во погребувањето на загинатите, а подоцна учествувале и во изградбата на населбите.
Во организација на Претседателството на ЦК на Сојузот на младината на Југославија, на 5 август во Скопје започнала сојузната младинска акција во настраданото Скопје. Акцијата продолжила до крајот на 1963-та.
Целта на изложбата е преку текст проследен со автентични фотографии и факсимили од документи од времето на земјотресно и поземјотресно Скопје, да се истакне значајниот миг кога скопските младинци и студентите од цела Македонија, како и младината од цела социјалистичка Југославија, водени од чувството на заедништво и пред сè од човечноста и сочувството за еден град што доживеал невидена катастрофа, биле едни од првите што несебично ја дале својата помош уште во првите денови по катастрофата.