На Филозофскиот факултет во Скопје денеска беше промовирана „Folia Archaeologica Balkanica IV“, збирка трудови на археолози од Балканот, а беше посветена на археологот д-р Виктор Лилчиќ-Адамс. Изданието е на Институтот за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Промотори на делото беа професорите Драги Митревски и Елизабета Димитрова.
Проф. д-р Антонио Јакимовски, уредник на ова издание, вели дека му е чест и задоволство што учествувал во подготовката на овој број на Фолиа, посветен на неговиот професор, ментор и другар. Во изданието учествуваа 31 автор со 30 научни трудови.
– Особено радува што текстовите се од афирмирани научни авторитети кои соработуваа со професор Лилчиќ-Адамс и се дел од целиот Балкан. Изданието е отпечатено на македонски и на англиски јазик и има меѓународен уреднички одбор.
– Виктор Лилчиќ-Адамс е неуморниот археолог-патник низ времето и просторот на нашата Македонија. Тој лично видел и документирал над 750 фортифицирани стари градови и тврдини во Македонија од 1975 година до денес. Виктор е жива движечка енциклопедија на древните цивилизации на нашата македонска почва, неверојатен жив трезор на податоци од кој очекуваме и му посакуваме успешно да го заврши неговото капитално дело, Корпусот на старите градови и тврдини во нашата Македонија – вели Јакимовски.