Издавачката куќа „Антолог“ ќе објави два нови историски романа од истакнати современи исландски автори. Станува збор за книгите „Сага за Јон“ од Офејгур Сигурдсон и „Солзите на ангелите“ од Јон Калман Стефансон. Преводот на македонски на првата е на Мери Кицовска, а на другата на Ѓургица Илиева.
„Сага за Јон“ е фасцинантна епистоларна приказна за „огнениот свештеник“, комплексна и таинствена личност, една од најнеобичните во историјата на Исланд. Книгата ја доби престижната Награда за литература на Европската Унија во 2011 година. Офејгур Сигурдсон (1975) е исландски писател и преведувач. Добитник е на исландската книжарска награда во 2014 година и на исландската награда за книжевност во 2015 година. Тој е еден од ретките исландски автори чиј роман за три месеци се распродал во пет изданија.
„Солзите на ангелите“ е моќна приказна што потсетува на вечната борба на човекот против безмилосното величество – природата. Стефансон ја добива италијанската награда „Ботари Латес Гринѕане“ токму за ова дело, кое е втор дел од епската исландска трилогија, чиј прв дел „Помеѓу рајот и пеколот“ веќе е објавен во издание на „Антолог“. Јон Калман Стефансон (1963) е исландски писател. Од 1992 до 1995 година работел најразлични работи во Копенхаген, Данска. По враќањето на Исланд, почнува да се занимава со пишување. Како поет, романсиер, преведувач, тој е еден од најистакнатите современи исландски писатели.