Во петок, 22 ноември со почеток во 20 часот, во рамките на фестивалот „Есенски музички свечености“ 2019, во Националната опера и балет ќе биде изведена раскошната балетската претстава „Дамата со камелии“ на музика од Џузепе Верди.
„Дамата со камелии“ е балетска продукција која наиде на одличен одзив кај публиката и беше оценета со позитивна критика, својата премиера ја имаше на 31.10.2014 г. Работена по музиката на Џузепе Верди, а драматуршката подлошка е земена од неговата популарна „Травијата“. Кореографијата е на еден од водечките руски кореографи Василиј Медведев, кој работи со големите театри „Бољшој“ од Москва и „Марински“ од Санкт Петербург. Прекрасните костими и убавата сценографија се дело на Павол Јураш гостин од Словачка.
Во главните улоги ќе настапат првенците Мими Поп Алексова Атанасовска и Бобан
Ковачевски. Настапуваат солисти, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет. Диригент е Иван Еминовиќ.