„Лондон олд вик“, „Шекспир глоуб“, „Ројал Алберт хол“ и други институции изјавија дека биле на работ на затворање ако помошта не стигнела. Во многу случаи, многу повеќе чини отворањето на музеите за помал број посетители отколку да останат затворени. Во одредена мера пакетот со помош ќе ги ублажи овие проблеми
На европскиот континент сите музеи се отворени веќе со недели, некои дури и со месеци, оркестрите повторно свират, а театрите ги најавуваат претстојните сезони, салите ги приспособија на мерките за физичка дистанца. Во Франција, Германија, Италија и во Белгија, каде што државата на големо ги помогна уметноста и културата, компаниите од секторот, како и музеите, можат да ги преживеат намалениот капацитет на посетеност и продажбата на карти.
Француските и германските политичари ја
поддржуваат уметноста
Во мај оваа година, Емануел Макрон, претседателот на Франција, изјави дека сите работници од секторот култура, кои ќе ја изгубат работата, ќе бидат покриени со националниот план за невработеност до август 2021 година. Во јуни, Моника Грутерс, германската министерка за култура, изјави дека милијарда евра ќе бидат насочени за повторно придвижување на секторот култура, без разлика на големата помош, која веќе е обезбедена во регионите на Германија. Но во Велика Британија, веќе со месеци, ѕвездите на британската култура се расправаат со Владата, а понекогаш дури и молат да преземат каква било акција.
Во координирана медиумска кампања, актерите и театрите повикуваат програмата за задржување на работата, каде што на работниците што се отпуштени им се исплаќаат околу 80 проценти од нивната плата, да се продолжи до времето кога театрите ќе можат да се отворат без физичка дистанца. Како резервен план, ја повикуваат Владата да им одобри големи заеми, кои би им овозможиле да функционираат во полупразни сали.
– Навистина, но навистина не сакаме да заостануваме и да гледаме како нашата индустрија се руши и пропаѓа додека другите европски институции од културата се заштитени – рекол еден од актерите.
Ед Ваизеј, поранешниот британски секретар за култура, изјавил дека во споредба со Франција или со Германија, Британија е „малку нечесна“. Тие држави секогаш давале сѐ за уметноста. Но тој додал „барем француските и германските политичари не се срамат од нивната уметност и култура. Ги поддржуваат и ја разбираат нивната важност!“
Борис Џонсон вети спасувачки фонд за британската уметност
На загрозените сектори во уметноста и културното наследство им е ветена долгоочекуваната помош од Владата во износ од 1,57 милијарда фунти, што досега е најголема инвестиција во британската култура. По неколку недели очајни предупредувања дека Велика Британија се соочува со културна катастрофа, министрите најавија дека ќе дадат помош со која ќе се заштити иднината на музеите, галериите, театрите и музичките сали во земјата.
Драматургот Џејмс Грегам, кој страсно говореше за итната потреба од инвестирање, вели дека износот е поголем одошто кој било од луѓето во уметноста се надевал.
– Ќе одиме во детали, но мојата прва реакција е целосно олеснување и благодарност. Ова е изненадувачки амбициозен износ, особено кога ќе го споредите со некои од соседните земји во Европа. Ако е вака амбициозен како што изгледа, разговорите во нашиот сектор ќе мора да се фокусираат на тоа како ќе изгледа нашиот пакет за закрепнување во смисла на заштита на добивката стекната во изминатите години низ инклузија, репрезентација и различност, и како овие пари ќе дојдат до оние на кои им се најпотребни, особено надвор од Лондон – вели Грегам.
Борис Џонсон изјави дека уметноста и културата се душа на нацијата.
– Тоа е она што ја прави нашата земја сјајна и претставува врв на нашата креативна индустрија, која брзо се развива. Сфаќам со какви сериозни предизвици се среќава уметноста, ние мора да го зачуваме и да го заштитиме сето она што можеме за идните генерации – вели премиерот.
Пакетот со помош вклучува: 1,15 милијарда фунти за културните организации во Англија, 100 милиони за англиските национални институции на културата, 120 милиони фунти капитални инвестиции за проекти за инфраструктурата…
Вики Фетерстон, уметничка директорка на театарот „Ројал корт“ во Лондон, го пофали пакетот за помош.
– Тоа е извонредна сума. Сега мора да ги поддржиме слободните уметници што се дел од нашиот театар и да се обидеме да го вратиме поскоро продуцирањето претстави за нашата прекрасна публика – вели таа.
Тамара Ројо, уметничка директорка на Англискиот национален балет, вели дека постоела итна потреба од акција и оти е одушевена од пакетот што дава шанси за опстанок на културниот сектор.
Според Алекс Биард, извршниот директор на Кралската опера, ова е значаен чекор за закрепнување на индустријата и за одржување на живописната британска уметност, која е во криза.
„Лондон олд вик“, „Шекспир глоуб“, „Ројал Алберт хол“ и други институции изјавија дека биле на работ на затворање ако помошта не стигнела. Во многу случаи, многу повеќе чини отворањето на музеите за помал број посетители отколку да останат затворени. Во одредена мера пакетот со помош ќе ги ублажи овие проблеми.