Мртвата природа во уметноста
Чинија со овошје, куп книги, вазна со цвеќе: иако изгледаат едноставни, секојдневните предмети сѐ уште се предизвик за уметниците или за објективот на фотографите. Тие потсетуваат на скриената и привремена убавина на животот. Уметничко дело што прикажува збир предмети се нарекува мртва природа, а ова се неколку причини зошто уметниците повторно им се навраќаат на овие мотиви.
Терминот „мртва природа“ опишува уметничко дело што покажува неживи предмети од природниот или од вештачкиот свет, како што се овошје, цвеќиња, садови во форма на корпи, вазни или чинии. Мртвата природа станува особено популарна во Холандија во 17 век, кога урбанизацијата доведува до поголем акцент на домот, личните работи.
Пол Сезан на пример има многу верзии на својата слика „Мртва природа со јаболка“. Зелената вазна, шишето со рум, тенџерето со ѓумбир и јаболката се мотивите што ги сликал цели триесет години од неговиот живот. Ги користел овие предмети како основа да експериментира со нивната форма, боја, светлина и поставка.
Некои уметници се свртеле кон мртвата природа од практични причини, не морале да ангажираат модел или да патуваат.
– Фотографот Едвард Вестон беше толку сиромашен во еден момент што почна да прави фотографии од мртва природа користејќи овошје и зеленчук, наместо да излегува и да пронаоѓа инспирација за пејзажи. Понекогаш имаше проблем да ги држи своите деца подалеку од објектите, па се случуваше тие да бидат изедени – вели Пол Мартино, кустос во Одделот за фотографија во музејот „Гети“.
Некои слики со мртва природа ги слават животот и неговите задоволства покажувајќи изобилство на храна, вино и на материјално богатство, како што е на сликата „Мртва природа со бокал, садови и калинка“ на данскиот уметник Вилем Калф.
– Педантната четка на Калф ги доловува деталите на рефлектирачкиот, светкав метал, како и текстурата на луксузните површини на предметите за јадење – вели Никол Блок, кураторка во сликарскиот оддел на „Гети“.
Но на овие дела има и знаци на човечко присуство. На пример, чашата за вино е половина празна и лебот е скршен, како некој да зел парче. Мртвата природа, исто така, може да предупреди за привремената природа на овие задоволства.
Некои слики со мртва природа, пак, се занимаваат со темата на смртта и кршливоста. Тие обично како мотиви вклучуваат: черепи, изгаснати свеќи и песочни часовници, додека празнината, исто така, вклучува и други симболи, како вино и музички инструменти.
– На некои дела ќе видите како цвеќињата или храната скапуваат или ќе забележите череп или песочен часовник, потсетувајќи дека смртта е ултимативен крај за сите нас – вели Блок.