На Меѓународниот конкурс „Антево слово 2019-2020“, кичевскиот поет Зоран Костески, за песната „Ќе те сместам во стиховите“ стана добитник на специјалната награда, со што ќе биде застапен во новата антологија на Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“.На годинешниот конкурс учествуваа над сто автори и оваа награда за Костески е навистина одлично остварување.
Скромниот кичевски поет беше пресреќен што неговата песна е меѓу лауреатите на годинешното „Антево слово“, кое годинава ја бележи третата годишнина.
– Инспирација за песната „Ќе те сместам во стиховите“ е мојата сопруга со која сум долги години во брак и со која љубовта тлее како првиот ден. Се работи за љубовна песна и е една од дестте песни од исти жанр, што ги имам напишано последните неколку месеци. Љубовта е вечна инспирација и неисцрпна тема за сите поети и писатели па така и за мене. Наградата добиена на годинешното „Антево слово“ ми е уште еден мотив повеќе да продолжам по истиот пат, да пишувам нови песни и да освојувам нови – рече добитникот на специјална награда Зоран Костески, кој од големиот опус на песни што ги има напишано, очекува и посакува барем еден мал дел да се најдат и во задолжителната училишна лектита или во учебниците за учениците од пониските одделенија.
Песните на Костески се објавени во повеќе списанија за деца, како и во неколку коавторски книжевни дела а поголем дел од нив се и добитници на награди и признанија на разни книжевни манифестации..